Во изложбениот салон на центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово е отворена изложба на еден од најистакнатите македонски сликари, Владимир Георгиевски. Изложбата содржи дваесетина дела во различни техники и ги кани посетителите да нурнат во уметничкиот свет на Георгиевски, за да ги осознаат неговите творечки преокупации, мотивите и пораките на неговото сликарство.
Оваа и уште една поставка на дела на Георгиевски веќе година и пол патуваат низ државата и се претставуваат пред публиката преку „Мјузеум линк“, неформална мрежа на домови на култура и локални музеи во Македонија. Целта е да се приближи уметноста на овој наш голем сликар до што е можно поголем број граѓани од целата земја, а особено до младите.
Прикажаните дела се дел од семејната збирка, во избор на Фросина Георгиевска, додека пак организацијата на изложбите и соработката со членовите на мрежата „Мјузеум линк“ се одвива со помош на нејзината координаторка Јасминка Намичева, виша кустоска и архитектка од Музејот на градот Скопје.