Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“ во петокот, на 21 септември, го одржа првиот концерт од балканската турнеја. На сцената на културно-информативниот центар „Будо Томовиќ“, „Танец“ со својот музичко-сценски колаж на исклучителен начин ги пренесе духот и убавината на традиционалната македонска култура, создавајќи посебно доживување за многубројната публика, која го исполни аудиториумот до последното место.
Во рамките на концертот беше изведена богата музичко-сценска програма, која започна со церемонијата на интонирање на македонската и црногорската химна, интерпретирани од првенката на „Танец“, Сузана Спасовска, и од Марина Цуца Франовиќ. Добредојде на ансамблот „Танец“, на директорката Весна Митевска и сите присутни видни гости им посака актуелниот амбасадор на Македонија во Црна Гора, Зеќир Рамчиловиќ, а концертната вечер во чест на „Танец“ ја отвори домашниот фолклорен ансамбл „Будо Томовиќ“. Потоа се нижеа: „Тешкото“, „Женско чамче“, „Копачка“, „Мариовска тресеница“, „Радовишки собор“, „Жетварка“, „Малешевка“, како и низа прекрасни вокални и инструментални сплетови од ризницата на „Танец“.
Фотографиите на КИЦ „Будо Томовиќ“ и Секретаријатот за култура на градот Подгорица говорат за свечената атмосфера на концертот и одушевеноста на присутните од македонскиот фолклор, вешто пренесен од ансамблот.