Иницијативи: Гимназијалци од „Корчагин“ се запознаа со работата на здружението „Откритие“
Учениците од прва и втора година во СУГС „Раде Јовчевски-Корчагин“ во Скопје, во придружба на своите наставници по географија Цвета Ѓорѓиевска и Весна Томовска, минатата недела имаа чест да бидат дел од првата организирана посета на просториите на здружението на граѓани за промоција на природните науки „Откритие“ од Скопје, кое се наоѓа во Тафталиџе, кај Млечниот ресторан.
Негов двигател е вљубеникот во благородната камена душа на мајка Македонија, нашиот македонски рубин, алхемичарот на полускапоцени камења Деан Шкартов. Тој е дипломиран инженер агроном и долгогодишен музичар, член на повеќе македонски рок-групи. Токму тој му даде смисла и есенцијална вредност на срцето на прилепскиот мермер – минералот Korund (рубин) Al2O3, во групата на македонски скапоцени камења. Во „Откритие“ со него е и Јасмина Бошевска – мозаичарка, по професија филолог. Таа љубопитно зачекори во лавиринтот на мозаиците откривајќи ја вредноста на македонските минерали и мозаичарски вештини. Наедно, надоврзувајќи се на културното наследство, таа ја продолжува нишката создавајќи свои мозаични дела.
Во преостанатата екипа од „Тајфата минерали“ се и двојките: Татјана и Илија Петковски и Искра и Марко Бекриќ, луѓе што како во Фибоначиевата златна низа и пресек се надоврзуваат со низа од вредности.
Една од целите на ова здружение и негова афирмација е да се буди свеста за необновливите природни ресурси во нашата земја, но истовремено и будење на нашата одговорност да ги зачуваме. Истовремено тоа е можност за поврзување со природата и нејзиниот дизајн низ милиони години креативна уникатност.
Геолошките феномени дизајнирани од природата, од почетокот на човештвото го пленат човекот да истражува, да открива, да креира, да дизајнира, да нурне во светот на творештвото и науката, но и да се грижи за заштитата на природното богатство.
– Со овој проект би сакале да стимулираме ново творештво, нови конекции и истражувања, кои ќе ги редат коцкичките на мозаикот на вистинското место – велат од „Откритие“.
На својот профил на Фејсбук, по посетата на гимназијалците, Деан Шкартов напиша: „Прекрасно е чувството кога владееш некоја мајсторија – каква било, но кога си во можност да ја споделиш со другите луѓе во средината во која живееш, а тоа да е на доброволна основа. Да покажеш нешто што не го виделе досега, да протолкуваш, да дадеш нови информации, а со тоа и да инспирираш други луѓе… особено младите ученици од Корчагин.
Добро се сеќавам дека и во својата младост повремено среќавав посебни луѓе, кои на свој оригинален начин ме инспирираа: учителот Славе Пашоски, рокерот Тоше Керамитчиев од нашата зграда во Мичурин, отецот Стефан Санџаковски, другар ми Маријанчо од Велес…
Благослов е да го продолжиме тоа за светот да напредува понатаму!
Поздрав, драги корчагинци, а ве чекаме и вас драги ученици од другите гимназии и училишта“.
„Откритие“ и во иднина ќе организира и ќе учествува на настани што ги промовираат природните реткости на Македонија и заштитата на нејзините необновливи и ретки природни ресурси.
М.Т.