Промоција на публикацијата „Прекарно за почетници“ ќе се одржи во националната галерија „Мала станица“, утре, со почеток во 19 часот. Со овој настан се затвора меѓународната изложба „Нема време за работа. Нема време ослободено од работа.“, отворена на 3 септември годинава. Уредници на брошурата „Прекарно за почетници“ се Виолета Качакова и Ивана Васева, лектурата и преводот се на Невенка Николиќ, графичкиот дизајн и илустрациите се на Немања Трајковиќ, а продукцијата на „Факултет за работи што не се учат“ (ФРУ).
– Оваа публикација „Прекарно за почетници“ се однесува на сите независни уметници, културни работници и на оние што раководат со мали уметнички и културни субјекти, кои работат во сферата на субвенционираната култура, која има ограничени ресурси.
Во оваа средина, индивидуализацијата и конкуренцијата се главните параметри на доминантниот капиталистички начин на производство, кој е доминантен, а и институционалниот и вонинституционалниот сектор се потопени и потчинети на таа логика. Како резултат на тоа, преовладуваат лошите услови за работа, несигурноста на работата и недостигот од социјална заштита. Публикацијата ги разгледува работничките права на независните уметници и културните работници, како и напорите за подобрување на нивните услови. Ги истражува овие прашања во поширок контекст на културните политики на земјата, кои ги обликуваат севкупните работни услови во вонинституционалниот културен сектор – објаснуваат организаторите.

Промовирана ќе биде и публикацијата „Острови на сродство: Колективен прирачник за инклузивни и одржливи уметнички институции“, која е резултат на двегодишна соработка во рамките на платформата „Острови на сродство“, која поврзува шест визуелни уметнички институции од различни региони во Европа (Прага, Братислава, Битола/Скопје, Келн, Хелсинки, Рига).

Со промоциите се затвора меѓународната изложба „Нема време за работа. Нема време ослободено од работа.“ на која учествуваа десетина уметници од европската и од балканската уметничка сцена: Селма Баниќ, Ленка Ѓоројевиќ и Матеј Ступица, „Хевит колектив“, Лукаш Хофман, Барбора Клајнхамплова, Доротеј Нешовски, Данило Прњат, Павла Сцеранкова, Јижи Скала, „Стонителерс“. Проектот е во рамките на 19. АКТО, фестивал за современи уметности.