Александар Стојкоски

ИНТЕРВЈУ СО ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ОПШТИНА ЃОРЧЕ ПЕТРОВ, АЛЕКСАНДАР СТОЈКОСКИ

Она што ми е особено важно и во кое верувам е дека граѓаните се задоволни од работата на општинската администрација, но и од завршените проекти што успеавме да ги реализираме во изминатите три години. Управувавме домаќински со буџетот, чесно, отчетно и транспарентно и оттаму знам дека Општина Ѓорче Петров дефинитивно се менува, а позитивниот импулс кај граѓаните веќе се чувствува, вели градоначалникот Александар Стојкоски

Мојот план е Ѓорче Петров да биде една урбана и чиста средина и од тоа не отстапувам ниту во иднина. Нашата цел да го направиме Ѓорче Петров место каде што сите ќе можат да живеат, работат и да се развиваат во добри услови дефинитивно се реализира, вели градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски. Тој во интервју за „Нова Македонија“ ја посочи реализацијата на големиот број проекти во изминатите три години, а притоа најави дека бројот на реализирани проекти само ќе се зголемува во годината што следува, со цел решавање на урбано-комуналните децениски предизвици.

Како гледате на моментното функционирање на општината, кои се најголеми предизвици?
– Пред сѐ, најголем предизвик беше раздолжување на општината и враќање на општинската каса во добра кондиција, без долгови и заостанати сметки. За две години, од 2,5 милиони евра долг, успеавме да ги исплатиме сите обврски по фактури и да го донесеме буџетот во ликвидна состојба со нула денари долг на општината спрема доставувачи, што е значаен успех, со оглед на тоа каква состојба затекнавме. Сето ова остава и простор за многу нови капитални проекти, кои беа неопходни, а веќе се започнати. Во годината што следува, бројот на реализирани проекти само ќе се зголемува.

Она што ми е особено важно и во кое верувам е дека граѓаните се задоволни од работата на општинската администрација, но и од завршените проекти што успеавме да ги реализираме во изминатите три години. Управувавме домаќински со буџетот, чесно, отчетно и транспарентно и оттаму знам дека Општина Ѓорче Петров дефинитивно се менува, а позитивниот импулс кај граѓаните веќе се чувствува.

Решивме проблеми што со години беа оставени на работ на заборав, а граѓаните беа принудени да ги преземаат работите во свои раце. Го разбивме митот за недостапност на администрацијата и се фокусиравме на инфраструктурата, образованието, животната средина и детската заштита.

Наш најголем предизвик останува решавање на децениските проблеми со недостиг од места за упис на деца во градинките, што верувам дека значително ќе се промени со отворање на двете нови градинки во Стопански Двор и во Дексион, доградба на сите училишта, со што конечно во сите образовни институции ќе овозможиме настава во една смена, урбанизирање на улиците во Ѓорче Петров, подобрување на фекалната и атмосферска мрежа, како и подобрување на состојбите со животната средина и екологијата, што на долг рок значи здрав живот за сите генерации. Имаме уште доста предизвици за соочување, но подготвен сум. Мој мотив се моите граѓани и секое нивно задоволство од сработеното е мој императив да работам со уште поголема енергија за модерно и урбано Ѓорче.

Што би издвоиле како најзначаен реализиран проект во изминатиот период?
– Реализиравме доста значајни капитални проекти, кои значително го подобрија живеењето во нашата општина. Би било неблагодарно да одвојам еден или два проекта, бидејќи навистина работевме во сите делови од Ѓорче Петров, без разлика дали е урбан или рурален дел. Ништо не нѐ одврати од искрената амбиција да му се помогне на секој ѓорчепетровец.

Во изминатите три години ја отворивме градинката „Сонце“ во Волково за 200 нови дечиња, ја доградивме градинката „Детелинка“, завршена е доградбата на ООУ „Димитар Поп Георгиев-Беровски“ во Хром со шест нови училници, ООУ „Тихомир Милошевски“ доби шест нови училници и тоалети, а интервениравме во сите училишта, како и во училишните спортски сали. Најавувам и камен-темелник за изградба на нова училишна спортска сала во ООУ „Димитар Поп Георгиев-Беровски“ во Хром и конечно решавање на децениски проблем на родителите и учениците, кои немаа услови за физичко воспитување и спорт.

Проектот „Првиот центар за ресоцијализација на деца кои го победиле карциномот“ веќе се реализира во Кучково. Ова познато населено место доби нов систем за водоснабдување, а во туристичкиот центар на Ѓорче целосно партерно го уредивме и локалитетот Крст. Ја изградивме станицата за третман на отпадни води и фекален колектор во селото Орман. Со оваа инвестиција веќе имаме поставена примарна и секундарна фекална канализација во должина од 3.664 метри, што е значаен чекор за здрава животна средина. Поставивме нова фекална и атмосферска мрежа на неколку локации, реконструиравме стотина улици, а успеавме и да ја отвориме и новата општинска зграда, која со години беше заглавена во правни лавиринти.

Депонијата во Ново Село доби нов живот со промена во мегапарк „Даме Груев“, со површина од 31.000 квадратни метри. Го донесовме Планот за развојни програми за 2024-2026 година, со вкупен буџет од 90 милиони денари. Со него се предвидени изградба и реконструкција на сервисни и станбени улици, водоводни мрежи во руралните области, фекална канализација и нова пречистителна станица.
Нашата цел останува да го менуваме Ѓорче Петров на подобро и да им го подобриме животниот стандард на сите наши граѓани.

На што ќе се фокусира понатамошното работење на општината? Какви се идните амбиции?
– Како градоначалник на Општина Ѓорче Петров, можам да им ветам на граѓаните дека нашето понатамошно работење ќе се фокусира на неколку клучни области. Пред сѐ, ќе продолжиме да инвестираме во инфраструктурата, со цел да ги подобриме патиштата и пешачките зони. Нашата амбиција е да создадеме безбедно и пријатно живеалиште за сите граѓани. Исто така, ќе ставиме акцент на зелени иницијативи и одржлив развој. Планираме да создадеме нови паркови и рекреативни простори, како и да поттикнеме проекти за енергетска ефикасност.

Образованието и младите ќе бидат во центарот на нашето внимание. Фокус ни е да развиеме програми за млади, односно уште од најрана возраст да им овозможиме можности за личен и професионален развој. Одржување стабилна состојба на општинскиот буџет без долгови е дефинитивно она на што ќе работиме активно и, секако, никако не ни е на последно место подобрувањето на комуникацијата со граѓаните. Целта е активно да ги вклучиме во процесите на донесување одлуки и да ги слушнеме нивните потреби.

Мојот план е Ѓорче Петров да биде една урбана и чиста средина и од тоа не отстапувам ниту во иднина. Со овие иницијативи, нашата цел да го направиме Ѓорче Петров место каде што сите ќе можат да живеат, работат и да се развиваат во добри услови дефинитивно се реализира.

Кои се Вашите впечатоци од манифестацијата „Денови на општина Ѓорче Петров“?
– На Ѓорче Петров дефинитивно му недостигаа културно-забавни и спортски манифестации и мое е задоволството што во мојот мандат успеавме да го подигнеме нивото во тој дел. Ѓорчепетровци се задоволни од настаните, а посетеноста е одлична, што практично значи дека сме на добар пат да го направиме Ѓорче центар на такви збиднувања. Во текот на „Деновите на општина Ѓорче Петров“ преку кои го означивме септември како празничен месец, организиравме многу настани од областа на културата и спортот и, секако, настани и од забавен карактер. Особено ми е драго што успеавме со одличен одзив да го вратиме на добра позиција во спортот познатиот рекреативен „Геге куп“ во фудбал, кој се одигра на мултифункционалното игралиште во Даме Груев, кое целосно го реконструиравме.

Да не ги одминеме и другите настани, меѓу кои киното на отворено на повеќе локации, кое беше сензација за моите сограѓани и ги разбуди маалскиот дух и комшиски живот во населбите. Паркот во Ѓорче Петров блесна во духот на македонскиот фолклор со одржувањето на прекрасната манифестација „Од Бистра преку Дервен до Ханриево: На гости во Ханриево“. Во срцето на Ѓорче, со учество на седум културно-уметнички друштва, младите ни ја претставија македонската традиција преку богати фолклорни танци и игри, што мене ми е особено важно заради зачувување и пренесување на македонската богата култура на младите генерации. Одржани беа неколку одлични концерти, а празничниот месец го заокружуваме со целодневен настан за сите генерации во реонскиот парк. Ќе имаме можност да проследиме концерт за најмладите, „Баскерфест“, како и голем концерт на многу познати македонски музички имиња. Севкупно, вистина сум задоволен со ефектот што го постигнавме со настаните.

Задоволството на моите ѓорчепетровци е и мое задоволство, па оттука, дозволете да најавам година полна со квалитетни случувања. Дефинитивно, Ѓорче Петров го очекуваат уште спектакуларни настани за кои долго ќе се зборува.