ФУДБАЛ

Мора да си директен и опасен ако сакаш да победиш, вели Добринко Илиевски, тренер со пролиценца, поранешен селектор на младинските фудбалски репрезентации на Македонија до 17, 19 и до 21 година, тренер во Македонија ЃП, Вардар, Тетекс, Брегалница…

Секогаш во преден план го ставам менталниот и психичкиот момент кај играчите, пред физичкиот. Моето мото е дека ако телото е изморено, главата и психата го туркаат напред. Основните постулати на спортот се „ако не удриш, ќе те удрат“, „ако не нападнеш, ќе те нападнат“, „ако се игра пред твојот гол, секако ќе примиш гол“. Затоа, мора постојано да се игра добра одбрана и да се размислува офанзивно, дури и кога си во подредена улога. Мора да си директен и опасен, ако сакаш да победиш. Амбициозен сум, учам и се надградувам во секој поглед. Имам планови што наскоро ќе ги соопштам, а кои мислам дека ќе ми донесат нови предизвици во кариерата. Мислам дека најдоброто од мене треба допрва да дојде, со оглед на зрелоста и енергијата што ја чувствувам, вели Добринко Илиевски, тренер со пролиценца, поранешен селектор на младинските фудбалски репрезентации на Македонија до 17, 19 и до 21 година, тренер во Македонија ЃП, Вардар, Тетекс, Брегалница…

Што е потребно за успешен тим, која е вашата омилена формација??
– Потребни се добра селекција на играчи, карактер и пред сѐ фудбалска интелигенција на играчите, како и работна култура. Потребна е хемија на секое ниво, играчи за кои тимот е пред поединецот. Омилена формација ми е 3-4-4. За секоја формација треба да имате соодветни играчи, а во оваа има многу можности за многу интересни движења. На пример, страничните стопери можат да бидат многу активни со офанзивни задачи како крилните позиции и во средината, па дури и до противничкиот шеснаесетник. Има три напаѓачи, поддржани од двата фул-бека што играат и напред и назад, а има и два дефанзивни играчи за врска кои се често на двете страни од теренот. Ова е формација со многу можности, но, за жал, не може да се игра ако нема соодветни играчи – вели Илиевски.

Бевте инструктор во Центарот за едукација на тренери при Фудбалската федерација на Македонија, каква е ситуацијата со нашиот тренерски кадар?
– Повеќе од пет години бев инструктор и член на комисијата за полагање при Центарот за едукација на тренери во Фудбалската федерација на Македонија. Имаме амбициозни млади тренери, но мислам дека се потребни уште многу труд и вложување, како и посветеност, за да ги остварат своите соништа. И тоа, не само кога се на семинар или пред полагање туку на секоја тренинг-сесија и на секој натпревар што го водат треба да се посветат максимално. Младите тренери треба да учат од ментори и да читаат многу стручна литература – изјави Илиевски.

Каква е моментната состојба во македонскиот фудбал?
– Одиграни се неколку кола сезонава, може да се заклучи дека клубовите се соодветно екипирани и односот на силите е речиси идентичен, како и во минатата сезона. Можеби најмногу профитира Шкендија со доведувањето на најдобриот стрелец од минатото првенство, Ибраими. Шкендија е прв фаворит за титулата, потоа тука е актуелниот шампион Струга, па следуваат Силекс, Гостивар и Шкупи, кои се кандидати за горниот дел на табелата, како и најголемото и најпријатно изненадување Работнички – рече Илиевски. Н.М.