Македонците од Албанија апелираат за забрана на активностите на бугарската фондација
Претставниците на бугарската фондација „Бугарска меморија“, заедно со бугарскиот амбасадор во Албанија, Ивајло Киров, донираа комплетно опремена модуларна амбуланта, урбана опрема и канцелариски материјал за администрацијата во општината Пустец, каде што живеат припадници на македонскиот народ, а претходно слична донација имаше за селото Глобочени, исто така во општината Пустец. Сите овие активности беа осудени од претставниците на македонското национално малцинство во Албанија како пропаганда што има за цел денационализација и асимилација на Македонците во Албанија
Во низата контроверзни активности, кои неколкупати досега претставниците на македонското национално малцинство во Албанија ги оценија како мешање на официјална Софија во внатрешните работи на една суверена држава, беа посочени и активностите на фондацијата „Бугарска меморија“. Последен ваков пример е кога претставниците на споменатата бугарската фондација, заедно со бугарскиот амбасадор Ивајло Киров во Албанија, донираа комплетно опремена модуларна амбуланта, урбана опрема и канцелариски материјал за администрацијата во општината Пустец, каде што живеат припадници на македонскиот народ, а претходно слична донација имаше за селото Глобочени, исто така во општината Пустец. Сите овие активности беа осудени од претставниците на македонското национално малцинство во Албанија како пропаганда што има за цел денационализација и асимилација на Македонците во Албанија.
Стерјовски: Донациите се користат за манипулација со историските факти
Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) упати остра реакција до албанската влада, во која беше посочено дека албанските државни институции дозволуваат фондацијата „Бугарска меморија“ непречено да ја шири својата антимакедонска пропаганда. Според претседателот на МАЕИ, Васил Стерјовски, албанската влада има обврска да инвестира во регионите каде што живеат Македонците во Албанија и да ги заштити нивните права и идентитет од бугарските дејства.
– Ние не сме против донации што го подобруваат животот на македонската заедница, но гневни сме затоа што оваа фондација ги користи овие активности за да манипулира со историските факти и да ги претстави Македонците како Бугари – нагласува Васил Стерјовски.
Со свој став излезе и организацијата за заштита на правата на Македонците во Албанија „Друштво Преспа“, упатувајќи исто така остра реакција поради донацијата за општината Пустец, оценувајќи ја како „продолжување на бугарската агресија за денационализација и асимилација на Македонците во Албанија“.
– Управата на општината Пустец во последниот и актуелен мандат беше и останува сервилна кон бугарската пропаганда и многубројните посети на бугарски претставници со материјална помош за општината Пустец, иако се знае дека Софија го прави тоа само за да ги прикаже Македонците како Бугари во Албанија, а не дека придонесе за подобрување на благосостојбата на жителите – се посочува во реакцијата на „Друштво Преспа“.
Активностите на фондацијата „Бугарска меморија“ беа осудени и од страна на македонско друштво „Илинден“-Тирана. Според претставниците на споменатото друштво, нивната реакција се должи пред сѐ на антимакедонската пропаганда што оваа наводна фондација непречено ја шири во регионите каде што живеат Македонците во Албанија.
– За жал, на овој антимакедонски чин присуствувале членови на бугарска делегација предводени од амбасадорот на Бугарија во Тирана, Ивајло Киров, и Софика Мале, претставник на фондацијата „Бугарска меморија“ за Република Албанија. За жал, присуствувал и градоначалникот на општината Пустец, Пали Колефски, кој му врачил специјално изработена плакета на негаторот на македонската нација Милен Врабевски – се наведува во реакцијата македонското друштво „Илинден“-Тирана.
Албанските институции повикани да преземат мерки за заштита на македонскиот идентитет
Според македонското друштво „Илинден“-Тирана, управата на општината Пустец во последниот и актуелен мандат е сервилна кон бугарската пропаганда, пречекувајќи ги бугарските претставници што со материјална помош за општината Пустец во областа Мала Преспа се обидуваат да го одродат македонското население и да го прикажат како Бугари во Албанија. Очигледно само на градоначалникот Пали Колефски не му е јасна оваа антимакедонска мисија на бугарските фондации, се наведува во реакцијата на споменатото друштво.
– Како Македонци и заштитници на македонскиот национален идентитет во Албанија, Македонско друштво „Илинден“- Тирана ги повикува институциите во Република Албанија да преземат конкретни мерки за заштита на македонскиот идентитет и македонското културно наследство. Време е албанската влада да ги зајакне своето присуство и инвестиции во регионите Голо Брдо, Мала Преспа, Гора и Врбник населени со Македонци, како јасен сигнал дека Македонците во Република Албанија се дел од државата и дека нивните права и идентитет ќе бидат заштитени и гарантирани. Знаеме и дека бугарската агресивност кон нас Македонците, кои не сакаме да газиме по сопственото македонско чувство, треба да ја запрат само институциите на државата во која живееме, Република Албанија – реагираат од македонско друштво „Илинден“-Тирана.
Останува да се види дали Албанија ќе покаже вистинска грижа за малцинствата, како што тоа го прави Македонија на највисоко можно ниво за албанското малцинство, и ќе го заштити македонското малцинство или, пак, во име на сопствените евроинтеграции и уцените од Бугарија, ќе дозволи да продолжи кампањата за асимилација на Македонците од Албанија. Д.Ст.