фото: Кабинет на претседателката

Бугарските политичари отворено се мешаат во работите на една суверена држава

Ваквите напади што следуваа од бугарска страна уште еднаш го покажаа вистинското лице на официјалната бугарска политика, да си дава за право отворено и најдрско да се меша во внатрешните работи на една суверена држава, почнувајќи од тоа кој министер треба да биде разрешен до барање за промена на Уставот, промена на учебниците, промена на наративот што го употребуваат македонските политичари, буквално на сѐ што значи некакво посебно идентитетско обележје

Последниве денови максимално се заостри реториката на релација Софија-Скопје, особено по реакцијата од македонска страна за неискажаната должна почит за време на посетата на македонската претседателка Гордана Силјановска-Давкова на Софија, со неистакнувањето на македонското знаме при средбата со нејзиниот бугарски колега Румен Радев. Официјална Софија се правдаше дека средбата била неофицијална и дека протоколот не предвидувал знамиња при фотографирањето, на што реагираше македонскиот вицепремиер и министер за транспорт Александар Николоски, коментирајќи дека Бугарија се покажала како нецивилизиран домаќин.
– Јас останувам зад сѐ што сум кажал, а тоа е дека е некултурно, непристојно и нецивилизирано да ви дојде на гости претседател на држава, а вие да не го удостоите со ставање на знамето на државата што ја претставува. Нема оправдание за Румен Радев за тоа што не го стави македонското знаме при посетата на Гордана Силјановска-Давкова како претседател на Македонија. Дали сакаше да испрати порака дека тие во суштина и не ја признаваат Македонија, што е можеби нивен долгогодишен сон. Ние сме јасни кои сме, ние сме засебна нација, македонска нација, засебен народ, македонски народ – кажа Николоски.

Следуваше жестока реакција буквално од целата бугарска политичка елита, почнувајќи од претседателот Радев, од поранешниот бугарски премиер Борисов, од пратеници во бугарското Народно собрание, од лидери на политичките партии, до историчари, академици и други јавни личности.
– Јазикот што го користат има само едно оправдување – извинување. Оставка на тој министер. И, ако не го направат тоа, ниту претседателот, ниту премиерот, ниту министрите, ниту партиите не треба да се сретнат и да разговараат со нив – порача Борисов.

Ваквите напади што следуваа од бугарска страна уште еднаш го покажаа вистинското лице на официјалната бугарска политика, да си дава за право отворено и најдрско да се меша во внатрешните работи на една суверена држава, почнувајќи од тоа кој министер треба да биде разрешен до барање за промена на Уставот, промена на учебниците, промена на наративот што го употребуваат македонските политичари, буквално на сѐ што значи некакво посебно идентитетско обележје. Очигледно „административната“ улога што ја имаа во земјава за време на Втората светска војна сакаат да продолжат да ја применуваат и во 21 век, така што тие ќе кажуваат кој треба да влезе во македонскиот устав, кој да биде министер, кој премиер, кој претседател…
– По сите овие чекори што ги преземаат бугарските политичари, само сакаат да покажат дека тие се оние што ни ја кројат политиката, кој ќе биде министер, кој ќе биде премиер, значи настојуваат да го продолжат тоа „администрирање“. Тие се мешаат во работата на суверена држава барајќи да биде сменет министер, кого може да го смени само внатрешна политика. Нашите функционери се избрани од народот на избори и никој од страна не може да ни кажува да ги менуваме, не може тие да се ставаат над народот, како што всушност и сакаат да направат. Тие сакаат во сѐ, па и во поглед на историјата, да се стават над нас. Бугарската страна едноставно сака да нѐ стави во нивно менгеме и да нѐ мелат како што сакаат – вели Тодор Чепреганов, историчар.

Според него, бугарските политичари повторно почнуваат со тотално негирање на постоењето на македонскиот народ и дополнително ги заоструваат односите.
– Со таквите негаторски изјави, Бугарите, за жал, уште повеќе ја заоструваат ситуацијата. Наместо да ѝ отворат врата на Македонија да влезе во ЕУ, тие ја прават работата уште полоша. Како тогаш сакаат да се градат блиски релации меѓу македонскиот и бугарскиот народ? Тоа е апсурд. Прво, апсурдот е што тие негираат нешто што според нив не постои, а нешто што не постои не се негира – истакнува Чепреганов.

Тој во целиот проблем што го иницира бугарската страна пронаоѓа скриена бугарска агенда преку присвојување на македонската историја да се исперат од сопствените лоши епизоди во минатото.
– Ним им се намести картата да можат да нѐ уценуваат. За жал, во одреден момент, во погрешно време се најдоа погрешни луѓе што го направија тоа што го направија. Нѐ ставија во бугарската замка и сега ќе мора некој да бара начин како да се излезе од тоа. Со последниот развој на настаните, Бугарите начекаа момент за да искажат сѐ негативно кон Македонија. Иако посетата на претседателката беше со сосема друга цел, да се одмрзнат односите и да се почне со некаква нормална комуникација, тие ја искористија за провокација. Затоа и изјавата на премиерот дадена во Брисел за отстранување на билатералните прашања од преговорите со ЕУ е на место, инаку Бугарите ќе нѐ тераат во ќоше докрај, немаат милост. Тие се свесни дека без македонската историја немаат своја историја. Тие сега гледаат да избегаат од Русија, која всушност им подари држава. Сега објавија книга во која периодот 1947-1991 година го сметаат за руска окупација врз Бугарија. Едноставно гледаат да избришат еден цел период од историјата, а остатокот да го пополнат со македонската историја – констатира Чепреганов. С.Т.