Фото: Пиксабеј

Полска ќе се кандидира за домаќин на Летните олимписки игри (ЛОИ) во 2040 или во 2044 година, најави премиерот на земјата, Доналд Туск, пишува „Би-би-си“.
– Оваа одлука им ја посветувам на денешните деца од 10, 12 и 15 години. Полска официјално ќе се кандидира за домаќин на ЛОИ. Реалната перспектива, со оглед на одлуките, заложбите и прелиминарните изјави на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), е дека можеме да зборуваме за 2040 или за 2044 година – рече Туск, пишува „Би-би-си“.

Полска, која досега не била домаќин на летни олимписки игри, беше кандидат за домаќин на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во 2006 и во 2022 година, беше домаќин на Европските игри (ЕИ) во 2023 година, а заедно со Украина беше домаќин на Европското првенство во фудбал во 2012 година. Германија, поточно Берлин, исто така, планира да се кандидира да биде домаќин на ЛОИ во 2040 година. Г.И.