За многу Македонци и граѓани на светот, Македонија е доживотна опсесија и уметничка и научна инспирација. Оттука, денешниов есеј, потсетувајќи се на почетната реченица од текстот „Неговата формула за зрачење“ (2024 г.) од Роџер Хајфилд – „За таква равенка вредеше да се живее… и да се умре“ и честитајќи им го Денот на независноста на Македонија на читателите на „Нова Македонија“ и на граѓаните на Македонија, ќе го завршам со пораката што всушност е и наслов на есејот: „За Македонија вреди да се живее… и ќе се избориме таа да не умре“. Ако денес се избориме Македонија да не умре – последица на договорите со Грција и со Бугарија, верувам, убеден сум, дека Македонија и Македонците ќе постојат и во 5518 година
Во денешниов текст, пишувајќи за 8 Септември – Денот на независноста на Македонија, ќе поврзам три теми: животот на Стивен Хокинг, епот „Одисеја“ и романот „Контакт“. На прославата на шеесеттиот роденден на Стивен Хокинг во Кембриџ во 2002 година, соочен со неговата смртност предизвикана од ударот на неговата инвалидска количка во ѕидот и повредата на колкот, Хокинг ќе изјави: „Посакувам таа едноставна формула да биде на мојот надгробен споменик“. Роџер Хајфилд (Roger Highfield), пишувајќи во 2024 година за најголемото наследство на Хокинг – едноставна равенка што крие шокантни аспекти на црните дупки и која во 2024 година наполни 50 години, ќе напише: „За таква равенка вредеше да се живее… и да се умре“. Равенката што ги поврзува квантната механика, теоријата на релативност, гравитацијата и термодинамиката, ја определува температурата T на зрачење на црна дупка што не ротира: T = ℏc^3/8πGMk, каде што Т е температурата; ℏ е Планкова константа, која се користи во квантната механика, c е брзината на светлината, која се користи во теоријата на релативноста, π е бројот пи, G е Њутнова константа што се воведува за опишување на гравитацијата, M е масата на црната дупка, а k е Болцмановата константа, која се користи во термодинамиката. Причината зошто црните дупки испуштаат зрачење (тоа зрачење го носи името на Хокинг) е последица на квантната теорија: празниот простор воопшто не е празен, всушност, тој е полн со парови честички-античестички, кои постојано се појавуваат и исчезнуваат. На границата на црната дупка што ја одделува од другиот дел од универзумот (се користи терминот „хоризонт на настани“), парот виртуелни честички можат да се разделат: едната се вшмукува, другата останува слободна, додека, пак, црната дупка губи дел од својата енергија, а со тоа и дел од масата (масата и енергијата се поврзани со равенката на Ајнштајн E = mc^2). Затоа црната дупка губи маса, испарува и сјае.
Во физичкиот празен простор, според квантната механика, се наоѓаат мноштво паровите честичка-античестичка, додека, пак, уметничките творби изобилуваат со различни (дијалектички) спротивности. На прашањето на киклопот Полифем како се вика, Одисеј ќе рече: „Јас сум Никој“. Тврдењето на Одисеј дека тој е Никој е парадокс заснован на претпоставката дека, всушност, тој што го изговара е Некој. Одговорот на Одисеј му припаѓа на светот на литературата, кој нè издигнува од секојдневието, нè оддалечува од самите себе, од нашата судбина – свет во кој стануваме никој или кој било. Според Рембо, да се биде писател и читател – во едно писмо до неговиот учител тој порачува: „сакам да биде поет и… да се претворам во гледач“, значи да се стане поинаква личност, значи постојано менување на идентитетот, постојано потсетување на себеси дека постои можност да се родиме како некој друг или дека сè уште постои можност да станеме друга личност. Кога пишуваме и читаме, добиваме променлив идентитет – стануваме кој било, стануваме никој. Одговорот „Јас сум Никој“ на Одисеј му ја врати слободата, која му беше потребна за да се спаси себеси и дел од својата екипа. За разлика од литературата, во реалниот живот ние сме Македонци. За разлика од литературата, на условувањата и уцените на некои ЕУ-киклопи (ЕУ-политичари) за започнување некаквиси матни и манипулативни процеси, некои наши политичари со радост порачаа „Ние сме Никои“, не разбирајќи дека со секое вшмукување на Никој, Некој заминувајќи сјае, додека, пак, црната дупка ЕУ испарува, губи од нејзината есенција.
Во равенката на Хокинг за температурата на зрачење на црната дупка се среќава бројот π (се чита „пи“). Бројот пи, однос меѓу обемот на кругот и неговиот дијаметар, е ирационален број, што значи дека не може да се изрази како обична дропка. Со други зборови, броевите, по децималниот знак, во записот π = 3.14159…. означуваат (бесконечна низа од) броеви што никогаш не се повторуваат. Историски гледано, бројот пи им бил познат на античките цивилизации, вклучувајќи ги и Египќаните и Вавилонците, кои го пресметувале доста точно, додека Архимед предложил алгоритам за негово пресметување со произволна точност. Во романот „Контакт“, Карл Сејган (Carl Sagan) сугерира дека творецот на универзумот испишал порака длабоко во цифрите на бројот пи, укажувајќи на „интелигенција што му претходи на универзумот“. Пишувањето во „Контакт“ навестува дека, според моето мислење, Сејган е, сепак, повеќе агностик отколку деклариран атеист. Тој не е само еден од најпознатите популаризатори на науката, туку се чини дека, барем во романот, копнее за помирување меѓу науката и религијата. Во тој дух, и јас со повеќето мои текстови и настапи копнеам за помирување меѓу Македонците, за општествен и духовен мир, без дивеењата со кои се соочувавме и живеевме катадневно изминатите години, за Македонија со повеќевековно минато и долгорочна просперитетна иднина, за Македонија и нејзината безвремена и бесконечна убавина содржана во бројот пи.
На погребот на Хокинг во јуни 2018 година, околу триесет илјади луѓе побараа да присуствуваат во Вестминстерската опатија. Иако, според моето мислење, веројатно малкумина од присутните знаеја за значењето на равенката врежана на надгробната плоча, Хокинг сепак беше (и сѐ уште е) инспирација: освен научните достигнувања, еднакво впечатлива е и неговата упорност да го извлече максимумот од животот и да не се жали на тешкиот товар од болеста. За време на меморијалната церемонија, Европската вселенска агенција емитуваше сигнал кон најблиската позната црна дупка, пренесувајќи ја последната порака на Хокинг, во која тој го опиша неговиот „живот патувајќи низ универзумот“ во неговиот ум. Еден ден во 5518 година, слаб сигнал со последните зборови на Хокинг ќе пристигне до црната дупка – неговата доживотна опсесија и инспирација на неговите истражувања.
За многу Македонци и граѓани на светот, Македонија е доживотна опсесија и уметничка и научна инспирација. Оттука, денешниов есеј, потсетувајќи се на почетната реченица од текстот „Неговата формула за зрачење“ (2024 г.) од Роџер Хајфилд – „За таква равенка вредеше да се живее… и да се умре“ и честитајќи им го Денот на независноста на Македонија на читателите на „Нова Македонија“ и на граѓаните на Македонија, ќе го завршам со пораката што всушност е и наслов на есејот: „За Македонија вреди да се живее… и ќе се избориме таа да не умре“. Ако денес се избориме Македонија да не умре – последица на договорите со Грција и со Бугарија, верувам, убеден сум, дека Македонија и Македонците ќе постојат и во 5518 година.