Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков денеска изјави дека рускиот претседател Владимир Путин ќе има кратка импровизирана средба со американскиот претседател Доналд Трамп на маргините на Самитот на Г-20 во Буенос Аирес.
Трамп вчера преку Твитер соопшти дека го откажува состанокот со Путин што беше планиран за утре.
– Со оглед на фактот дека морнарите и бродовите не се вратени од Русија во Украина, одлучив дека најдобро е за сите да го откажам закажаниот состанок во Аргентина со претседателот Владимир Путин – напиша Трамп.
Три украински воени бродови во неделата беа пресретнати од руската морнарица во Црно Море, откако наводно навлегле во руски територијални води. И додека Киев тврди дека Русија била известена за тоа, Москва наведува дека не била информирана.
Украинските бродови се задржани, додека екипажите се уапсени.