Во Кривогаштани, по вторпат синоќа се одржа Фестивалот на пиперката на кој на 20-тина штандови беа претставени земјоделските производи, најмногу познатата пиперка за ајвар – црвената капија, како и гастрономски производи од пиперки и од зеленчук и овошје.
Според производителите, годинава родот на црвената пиперка е квалитетен, но намален поради сушата и климатските промени. Побарувачката е голема и допрва ќе се интензивира за да се пласира на домашниот и на странскиот пазар.
– Моментално на пазарите нема некое големо количество пиперка за ајвар. Моменталната цена е 50 до 60 денари за килограм. Засега е добра цената. Сѐ уште интензивно не почнало да се бара пиперката. Допрва ќе почне приготвувањето на зимниците. Нема многу младина, затоа нема многу потрошувачка. Се бара пиперката „капија“ и за извоз. Инаку, годинава поради сушата нема многу големи количества и ќе се бара многу. А откупната цена се движи од 40 денари за прва и 30 денари за килограм втора класа црвена пиперка за ајвар – вели производителот Васко Неделкоски.
Откупувачите извезуваат и во Бугарија, Хрватска, Црна Гора, Словенија и во други европски држави. Производството е исплатливо, има иднина, но недостасува млада работна рака.
– Во споредба со лани, годинава е поголема побарувачката на пиперката. Се пробивме и на Балканот, овој фестивал многу помогна. И цената е повисока. Но, за жал, не може да речеме дека количествата се поголеми, зашто нема многу млади што се занимаваат со земјоделско производство. Производството има перспектива, но нема многу млади да работат – вели Стефан Благадушески, производител од Кривогаштани.
Организатори на фестивалот кои сакаат тој да стане традиција се општина Кривогаштани и здружението „Лаг Агролидер“ од Прилеп.
Фестивалот ги поттикнува пласманот, производството и развојот на локалната економија во Кривогаштани и регионот.