Нацрт реформската агенда за периодот 2024 – 2027 денеска беше презентирана од премиерот Христијан Мицкоски и министерот за европски прашања Орхан Муртезани на заедничка прес – конеференција во медиа центарот на Владата.
– Владата е целосно посветена за реализација на нашата стратешка цел за целосна интеграција во ЕУ. Во овој процес не само што ја гледаме иднината на нашата држава како полноправна членка на ЕУ, туку и како модерна економски стабилна и просперитетна држава која ги исполнува највисоките европски стандарди. Нашата визија за модерна и „Македонија повторно твоја“ е заснована на принципите на инклузивност, владеење на правото и економски развој што ќе ни овозможи да бидеме рамноправен партнер во европско семејство. Денес ви ја претствуваме Нацрт реформската агенда за периодот 2024 – 2027, која е резултат на нашите посветени напори да го унапредиме економскиот раст, стабилност на нашата земја во рамки на Планот за раст за земјите од Западен Балкан – рече Мицкоски.
Овој план инициран од ЕК, како што посочи, има за цел да ги намали економските диспаритети на државата и ЕУ нудејќи им на граѓаните пристап до придобивките од Унијата уште пред официјалното членство, а се темели на четири основни столбови – зајакнување на економската интеграција со единствениот пазар на ЕУ, продлабочување на економнската интеграција преку зголемена соработка со соседите во рамки на заедничкиот регионален пазар, забрзување на фундаменталните реформи и зголемување на финасиската помош за реформите со финански пакет од 6 милијарди евра од кои две мијарди се грантови.
Според формулата, на државава треба да ѝ припаднат 750,4 милиони евра за периодот 2024 – 2027. Реформската агенда за посочениот период треба да бида усвоена од ЕК со што ќе се отвори можност за потпишување договор за механизмот за реформи и раст и договор за заем.
По ратификацијата на договорите повторно ќе биде поднесено барање за повлекување на првата транша во висина од 7 проценти од алокацијата на средствата односно околу 52,5 милиони евра.
Реформската агенда е подготвена во тесна соработка со ЕК и ќе опфати приоритетни области како реформи на јавната администрација, енергетската транзиција, сајбер безбедноста, дигитализацијата, развојот на човечкиот капитал и подобрувањето на деловното опкружување кои се клучни за подобрување на стандардот на граѓаните и обезбедување долгорочна стабилност и напредок за државата.