Фото: Пиксабеј

Долготрајната изложеност на загаден воздух го зголемува ризикот од депресија, покажуваат новите студии објавени во мрежата на научни списанија JAMA. Студијата покажа дека долготрајната изложеност на покачени нивоа на загаден воздух го зголемува ризикот од доцна депресија кај постарите возрасни лица. Долготрајната изложеност дури и на ниски нивоа на загадувачи на воздухот е поврзана со зголемена инциденца на депресија и анксиозност. Загадувањето на воздухот долго време се поврзува со кардиоваскуларни и респираторни заболувања. Има сѐ повеќе докази, сега потврдени со овие нови студии, дека загадувањето на воздухот влијае и на менталното здравје.
За да ги истражат ефектите од загадувањето на воздухот врз постарите Американци, истражувачите од „Харвард“ и Универзитетот „Емори“ ги анализираа податоците од речиси девет милиони луѓе со Медикер. Станува збор за американско здравствено осигурување за лица на возраст од 65 и повеќе години. На повеќе од 1,52 милион од нив им била дијагностицирана депресија во текот на студискиот период 2005-2016 година.
– Набљудувавме статистички значајни негативни асоцијации помеѓу долготрајната изложеност на покачени нивоа на загаденост на воздухот и зголемениот ризик да бидеме дијагностицирани со депресија во доцниот живот – велат истражувачите.
Забележано е дека социоекономски обесправените поединци во оваа студија се изложени на многу поголем ризик од доцна депресија. Тие се истовремено изложени на социјален стрес и лоши еколошки услови, вклучувајќи го и загадувањето на воздухот. За потребите на студијата, научниците ги мапираа нивоата на загаденост и ги споредија со адресите на пациентите. Загадувачите на кои тие беа изложени беа ситни честички како прашина или чад, азот диоксид, кој главно доаѓа од емисиите од сообраќајот, и озон, испуштен од автомобили, електроцентрали и рафинерии. Научниците велат дека постарите лица би можеле да бидат особено подложни на депресија поврзана со загадувањето поради нивната пулмонална и нервна подложност.
– Иако депресијата е помалку застапена кај постарите лица во споредба со помладата популација, таа може да има сериозни последици, како што се когнитивно оштетување, истовремени болести и смрт – велат тие.
Во друга студија, научниците од Британија и од Кина ја истражуваа поврзаноста помеѓу долготрајната изложеност на повеќе загадувачи на воздухот и инциденцата на депресија и анксиозност. Тие проучувале група од речиси 390.000 луѓе, главно во Британија, во период од 11 години и откриле дека постои зголемен ризик од депресија и анксиозност дури и на нивоа на загаденост под британските стандарди за квалитет на воздухот.