Гладот во светот се зголеми за време на пандемијата на коронавирусот и останува исто толку висок трета година по ред: секој единаесетти човек во светот е гладен, а секој петти во Африка, пишува Организацијата на ОН за храна и земјоделство (ФАО). Специјализираната агенција на Обединетите нации, која ги предводи меѓународните напори во борбата против гладот - ФАО, овој месец објави нов извештај за состојбата со гладот во светот, во кој заклучува дека „светот сè уште е далеку од постигнување на целта за одржлив развој“. Се проценува дека во 2023 година, речиси 28,9 отсто од светското население – 2,33 милијарди луѓе – страдале од умерена или тешка несигурност на храната.
– Неисхранетоста останува речиси на исто ниво трета година по ред, откако нагло се зголеми во екот на пандемијата. Еден од 11 луѓе низ светот и секој петти во Африка се соочил со глад или недостиг храна во 2023 година. На глобално ниво, гладот им се заканува на 713-757 милиони луѓе – покажува извештајот.
Гладот сè уште е во пораст во Африка, но остана релативно непроменет во Азија, додека значителен напредок е постигнат во регионот на Латинска Америка и Карибите. Сепак, напредокот кон пошироката цел за обезбедување редовен пристап до соодветна храна за сите е запрен.
Резултатите добиени со подобрената методологија за мерење покажуваат дека повеќе од една третина од луѓето во светот или околу 2,8 милијарди во 2022 година всушност не би можеле да си дозволат здрава исхрана во 2022 година. Нееднаквостите се очигледни, при што земјите со ниски приходи имаат најголем процент од населението што не може да си дозволи здрава исхрана (71,5 процент) во споредба со земјите со понизок среден приход (52,6 проценти), земјите со висок среден приход (21,5 процент) и земјите со високи приходи (6,3 проценти). Резултатите, според ФАО, укажуваат дека целта на ОН за нулта светска стапка на глад до 2030 година воопшто не може да се исполни. Се предвидува дека 582 милиони луѓе ќе бидат хронично неисхранети до крајот на деценијата, од кои повеќе од половина во Африка.