Ајде да видиме
Појавата позната под називот телепатија подразбира дека едно лице може да дознае што мисли друго лице. Но под еден услов, да не стапиле во никаков однос со помош на кое било од петте сетила: вид, слух, допир, мирис и вкус. Оваа способност ѝ припаѓа на таканаречената псевдонаука (сознанија што не се засновани на научни методи). Сепак ќе мораме да ги разочараме поборниците на ова тврдење. Иако во текот на историјата имало многу личности што тврделе дека можат да читаат мисли или да видат настани во иднината, со ниеден експеримент што е направен во контролирани услови, овие тврдења не се докажани.
Од друга страна, доколку сме често во близина на одредена личност, го слушаме она што го зборува и ја гледаме што прави, не е премногу тешко да се „прочитаат нејзините мисли“. Бидејќи, сите ние имаме способност да сочувствуваме со другите и со мала вештина на читање на говорот на телото, изразот на лицето и на погледот, имаме големи шанси да сфатиме што мисли и што чувствува некој.