Фото: ШФМ

Македонскиот велемајстор, кој пред почетокот на турнирот беше шесторангиран, освои седум поени

ШАХ – ЗАВРШИ ТУРНИРОТ ВО ДОРТМУНД

Македонскиот велемајстор (ВМ) Евгени Романов (2.567 рејтинг-поени, рангиран шести на турнирот), кој од годинава е на листата на Шаховската федерација на Македонија (ШФМ), по девет одиграни кола на 51-то издание на турнирот во Дортмунд (Германија), го подели второто до седмото место со седум освоени поени (пет победи и четири ремија, без пораз), но според дополнителниот критериум, сепак е шести.
Во конкуренција на 193 учесници (13 ВМ, еден ЖВМ, 13 ИМ, еден ЖИМ, 23 ФМ, еден ЖФМ, пет КМ) од 29 држави, првиот фаворит, Украинецот Антон Коробов (2.648), заврши втор, а трет беше ВМ од Германија Фредерик Сване (2.636, рангиран втор) и двајцата со по седум поени. Победи ВМ од Холандија Нико Звирс (2.467, рангиран 11-ти) со 7,5 освоени поени..
Романов (35), кој триумфираше на традиционалниот меѓународен турнир Скопје опен 2023, во последното коло со црни фигури го победи ИМ од Германија Вадим Петровскиј (2.440, рангиран 12-ти). Како што е познато, Романов ќе ги брани боите на првата табла на репрезентацијата на Македонија на претстојната Шаховска олимпијада (ШО), која ќе се одржи годинава (10-23 септември) во Будимпешта, Унгарија. Г.И.