Од први септември, 124 основни и средни училишта ќе можат да почнат со настава во една смена, а во наредните години ќе се работи на прилагодување на сите училишта за едносменско работење, информираше денеска министерката за образование и наука, Весна Јаневска.
– Во тек е и анализата што ја прави Министерството за образование и наука, а ни помага и Светска банка, што точно ќе покаже кои училишта имаат можност да работат само во една смена. Според првичните сознанија, уште 50-тина училишта, со доградба на една до пет училници, би можеле да работат само во една смена – изјави Јаневска.
Министерката појасни дека овозможувањето едносменска настава е приоритет на Министерството и додаде дека во следните неколку години ќе се вршат прилагодувања на сите училишта.
-Со тоа ќе се промени и самиот начин на учење и ангажирањето на наставниците, а за учениците ќе значи подолг престој во училиште исполнет со различни дополнителни наставни и воннаставни активности, кои во светот се покажале корисни во образовниот процес – рече Јаневска.