Во следните четири дена Чикаго ќе биде домаќин на Демократската национална конвенција, каде треба да биде официјализирана номинацијата на Камала Харис за претседателски кандидат на Демократите на ноемвриските избори.
Се очекува на митингот да присуствуваат илјадници луѓе, за да го покажат својот ентузијазам за кандидатурата на Харис, која стана кандидат по повлекувањето на претседателот Џозеф Бајден. И додека на конвенцијата се очекува весела атмосфера, се очекуваат демонстрации пред Обединетиот центар во Чикаго поради незадоволството од политиката на демократската администрација кон Израел, кој води војна во Газа.
Главниот дел од програмата ќе се емитува во живо од сите големи радиодифузери, како и од платформите Hulu, Paramount Plus, Peacock и Max, како и каналите на Демократскиот национален комитет Јутуб (YouTube) и Икс (X) и други сајтови.
Бајден ќе ја отвори конвенцијата со говор кој воедно ќе биде збогум на политичарот кој пред само неколку недели беше демократски претседателски кандидат. Се очекуваше тој да ја прифати номинацијата на конвенцијата – пишува „Глас на Америка“.
– Во својот говор, Бајден ќе инсистира дека тоа ќе претставува закана за демократијата во САД доколку поранешниот американски претседател и републикански претседателски кандидат Доналд Трамп се врати во Белата куќа – изјавија соработниците на Бајден.
Тие рекоа дека говорниците на конвенцијата се очекува да се осврнат на достигнувањата на Бајден за време на неговото претседателствување, вклучително и мерките спроведени за време на пандемијата, до големите инвестиции во инфраструктурата и реформите во здравствената заштита.
Најавено е дека првата дама на САД Џил Бајден и други членови на семејството Бајден ќе бидат присутни на Демократската национална конвенција. Како говорници се најавени и поранешниот претседателски кандидат Хилари Клинтон и поранешните претседатели Барак Обама и Бил Клинтон.
Гувернерот на Минесота и кандидат за потпретседател Тим Волц ќе им се претстави на Американците во среда, а претседателскиот кандидат Камала Харис ќе се обрати на последниот ден од конвенцијата.
Бајден се повлече од кампањата за реизбор на 21 јули по притисокот од Демократската партија да го стори тоа, а потоа ја поддржа Камала Харис да биде демократска кандидатка за претседател на Соединетите држави.