Фото: ЕПА

ФУДБАЛ

Аргентинскиот фудбалски селектор Маурицио Покетино (52) ќе биде новиот селектор на фудбалската репрезентација на САД, пишува дневниот весник „Њујорк тајмс“. Аргентинскиот фудбалски стратег ја прифатил понудата на раководството на Фудбалската асоцијација на САД да ја преземе селекторската функција, откако претходно беа одбиени неколку звучни имиња, вклучувајќи го и Германецот Јирген Клоп.
Покетино дојде на местото на Грег Берхалтер, кој беше отпуштен пред нешто повеќе од еден месец, а главна причина е неуспешниот настап на САД на „Копа Америка“. Како клучна фигура за овој селекторски договор се наведува името на Мет Крокер, спортскиот директор на Фудбалската асоцијација на САД со кого Аргентинецот има соработувано на почетокот од својата тренерска кариера, поточно кога бил менаџер на Саутемптон.
Аргентинскиот стручњак треба да ја предводи американската фудбалска селекција на Светското првенство (СП), кое треба да се одржи во 2026 година во Канада, Мексико и во САД и на кое за првпат ќе учествуваат рекордни 48 репрезентации.
Како што е познато, Покетино претходно беше тренер на шпански Еспањол, англиските клубови Саутемптон, Тотенхем и Челси, како и на француски Пари сен Жермен. Г.И.