Фото: „Нова Македонија“

„Нова Македонија“ стекна увид во алармантни статистики за демографската состојба во земјава врз основа на истражување податоци објавени од домашни и странски институции, спроведено од редакцијата, кое ќе го објавиме во неколку продолженија. Денеска го објавуваме третото продолжение

Истражување на „Нова Македонија“ за демографската состојба во државата

Во поткрепа на заклучокот на редакцијата на „Нова Македонија“, дека, за дел од податоците во рамките на делот насловен „Население и социјални статистики“, при публикациите „С. Македонија во бројки… година“ на Државниот завод за статистика, почнувајќи од 2014 година заклучно со 2023, континуирано, секоја година, се намалува бројот на живородени деца во однос на претходната година, ги прикажуваме податоците за бројот на живородени деца од 2014 година до 2023 година: 23.596 живородени деца во 2014 година, 23.075 во 2015 година, 23.002 во 2016 година, 21.754 живородени деца во 2017 година, 21.333 деца во 2018 година, 19.845 во 2019 година, 19.031 во 2020 година, 18.648 живородени деца во 2021 година, 18.073 во 2022 година и 16.737 во 2023 година.
Како дополнување на намалената стапка на живородени деца, во следните неколку пасуси ви ги презентираме заклучоците од нашите анализи и споредби на бројот на живородени деца по седум етнички заедници (македонска, албанска, турска, ромска, влашка, српска и бошњачка) што се наведени во публикациите, кои се однесуваат за периодот од 2011 до 2023 година. Инаку, покрај колоните за живородени деца од овие седум етнички заедници, има податоци уште за „преостанати“ и „непознато“.

Бројот на родени деца намален кај шест етнички заедници

Утврдивме дека, со исклучок на влашката етничка заедница (ЕЗ), кај преостанатите шест етнички заедници, во 2023, споредено со 2011 година, е намален бројот на живородени деца, според припадноста кон етничката заедница на мајката.
Кај шесте заедници тоа намалување е изразено во повеќето од овие дванаесет споредбени години. Затоа, пак, зголемување во однос на претходната година утврдивме во помал број од овие години, почнувајќи од 2011 и завршувајќи со 2023 година.
Во бројка најзначително е намалувањето кај припадноста кон македонската ЕЗ на мајката: во 2023 имало 3.133 помалку живородени деца во однос на 2011 година. Пресметавме дека ова намалување, во проценти, изнесува околу 27,1 отсто.
Во проценти, најголемо намалување има кај припадноста кон ромската ЕЗ на мајката. Имено, во 2023 година имало 997 живородени деца, што е за 577 деца помалку во однос на 2011 кога имало 1.577 живородени деца, при што истраживме дека ова намалување, во проценти, изнесува околу 36,6 отсто.

продолжува

Живко Здравкоски