Фото: З.А

Со посета и полагање свежо цвеќе на гробот на војводата Јордан Пиперката и неговите соборци, денес беше одбележана 121 годишнина од смртта на опеаниот војвода кој загинал во Церско поле а по своја желба бил погребан на ридот Черешна во близина на село Велмевци.

Помеѓу останатите почитувачи на неговите живот и дело беа и членовите на Кичевската коњаница кои положија свежо цвеќе на неговиот гроб.

– Војводата Јордан Пиперката е опеан во голем број песни, а неговата храброст добро ја познавале и Османлиите кои и покрај многуте потери и заседи не успевале да го ликвидираат и тврделе дека него го чуваат духови. Јунаците еднаш умираат но никогаш нема да се заборават. Наш аманет е да го спомнуваме додека сме живи и аманетот да го предадеме на идните поколенија – истакна Станоја Станојоски, предводникот на Кичевската коњаница.

Покрај војводата на Черешна почиваат и неговите соборци: Милош Тракоски и Кузман Тодороски од Бабино и Ѓорѓи Бошкоски од Мало Црско.