Неодамна од печат излезе книгата драми на познатиот полски драматичар и прозаист Славомир Мрожек, под наслов „Драмски дела“, во издание на „Перун артис“.
– Она што плени најмногу кога го читаме Мрожек е неговиот горчлив хумор обвиткан во суптилната иронија чиј апстракт е секогаш главниот двигател на неговите драмски дела. Целата негова драматика е собрана во тој ирониски механизам, создавајќи дијалог што реалитетот го прекршува низ огледалото на политичката и социјална алогичност и деструктивност. Нам ни е препознатлив по неговите најзначајни драмски дела како „Танго“, „Полицајци“, „Пеш“ итн., но во оваа книга се драмите од неговата последна фаза: „Преподобните“ и „Прекрасна глетка“ каде што тој се занимава со религијата и тероризмот како теми што се најгорливи во дваесет и првиот век. Напишани на самиот почеток на новиот век, и двете пиеси се занимаваат со аномалијата на човековата неукост и самодеструкција, и двете се полни со густи дијалози изговорени од комплексните ликови чие внатрешно страдање е големо, но и чија духовна дисторзија е рамна на цивилизациска катастрофа – вели издавачот.