Очекувам од Егоров добар настап, резултат и, секако, добра ждрепка, па и овој пат позитивно да нѐ изненади, како што го стори тоа на ЕП во 2022 година, вели селекторот на македонската боречка репрезентација Бобан Данов. – Рељиќ е во одлична форма и верувам дека може да ја победи Британката Џонс. Ќе дадеме сѐ од себе да направиме најдобар резултат, вели нејзиниот тренер Александар Ефтимов

ЛЕТНИ ОЛИМПИСКИ ИГРИ ВО ПАРИЗ

Од шестемина македонски спортисти на 33. Летни олимписки игри (ЛОИ) во Париз, кои ќе траат до 11 август, останаа настапите уште на тројца. Тоа се борачот во слободен стил Владимир Егоров (кој на ЛОИ дојде со остварена А-норма), таеквондистката Милијана Рељиќ и атлетичарот Марио Ивановски. Егоров и Рељиќ ќе настапат денеска, додека Ивановски на 10 август.
– Владимир Егоров ќе настапи во тежинската категорија до 57 кг, со почеток во 11.30 часот. Тој се чувствува одлично, тренираше изминатите денови со неговите спаринг-партнери од Австралија и од Киргистан. Очекувам од него добар настап и резултат на душекот и, секако, поволна ждрепка, па и овој пат позитивно да нѐ изненади, како што го стори тоа на Европското првенство во 2022 година. Значајно е тоа што Егоров се чувствува супер и постои желба за добар пласман – вели селекторот на македонската боречка репрезентација, Бобан Данов.
Егоров за првпат настапува на ЛОИ. Тој е носител на повеќе медали од големите натпреварувања и, секако, македонски адут за освојување медал. Европски првак е од Будимпешта 2022 година, а истата година освои бронзен медал на Медитеранските игри во Оран (Алжир). Првиот медал, и тоа бронзен, Егоров за Македонија го освои на ЕП во Букурешт во 2019 година. Сега има нова можност да ја збогати својата трофејна колекција.
Македонската таеквондистка Милијана Рељиќ, предводена од нејзиниот тренер Александар Ефтимов, исто така денеска ќе дебитира на ЛОИ. Таа ќе настапи во тежинската категорија до 57 кг, но доби непосакувана ждрепка, па во првото коло (12 часот) силите ќе ги одмери против олимписката шампионка, Британката Џејд Џонс. Но Рељиќ, секако, не ни помислува да се предаде предвреме, туку, напротив, максимално мотивирано го очекува овој дуел.
– Подготовките се движеа одлично. Рељиќ е во одлична форма и веќе се приспособи на олимпиското живеење. На нејзината ривалка Џонс ова ѝ е четврта олимпијада, а веќе има освоено два златни медала и неколку светски и европски медали, како и 10 први места на гранпри-турнири. Станува збор за искусна натпреварувачка и една од најдобрите таеквондистки во светот. Милијана е во одлична форма и верувам дека може да ја победи Британката. Ќе дадеме сѐ од себе да направиме најдобар резултат – вели нејзиниот тренер Ефтимов.

Рељиќ зад себе има завидни резултати. На последните седум турнири таа се закити со пет медали. Таа доведе до совршенство одредени техники со кои квалитетно отстапува од другите натпреварувачки. Особено со кондициската подготвеност е меѓу петте најдобри во светот во женска конкуренција. Последниот златен медал, членката на ТК Тигри од Скопје, го освои на Европското клупско првенство (ЕП), кое се одржа во Тирана (Албанија), во јуни годинава.
Како што е познато, тројца македонски натпреварувачи веќе ги завршија своите настапи на ЛОИ во Париз. Прв настапи младиот пливач Никола Ѓуретановиќ (16), кој во квалификациите во трката на 400 метри слободно постигна време од четири минути, пет секунди и 38 стотинки, речиси три секунди послабо од неговиот личен рекорд.
Стрелачката Анастасија Мојсовска имаше одличен резултат во својот дебитантски настап на ЛОИ, освојувајќи го 31-то место во дисциплината пукање со воздушна пушка од 10 метри, во конкуренција на 43 натпреварувачки. Во квалификациската рунда, Мојсовска по шесте серии имаше вкупен резултат од 625,3 погодени круга. Нејзиниот најдобар резултат останува 628,8 круга, а финалето ѝ побегна за шест круга.
Џудистот Еди Шерифовски загуби во првото коло на турнирот на ЛОИ во Париз (категоријата до 81 кг) од Бразилецот Гијреме Шимит, кој е актуелен првак на Панамериканските игри од 2023 година и трикратен првак на Панамериканското првенство (2021, 2022 и 2024). Г.И.