Зоран Гавриловски

Успеси на ВМ Зоран Гавриловски во компонирање

СВЕТСКИ КОНГРЕС ЗА ШАХОВСКИ КОМПОЗИЦИИ ЗА 2024 Г.

Во рамките на 64-от Светски конгрес на шаховската композиција (СКШК), во Јурмала (Летонија), од 27 јули до 3 август годинава, македонскиот ВМ за шаховски композиции Зоран Гавриловски беше успешен на неколку неофицијални конгресни дописни турнири во составување оригинални шаховски композиции на зададени теми, освојувајќи две почесни признанија и пофалба на турнирот Аземур (Мароко), пофалба на меморијалниот турнир на Бернд Елингховен (Германија) и прво почесно признание (т.е. четврто место) на турнирот Цујка (Романија). На 47-то Светско првенство (СП) во решавање шаховски композиции за годинава победи Велика Британија пред Полска и Израел, а најдобар решавач е велемајсторот за шах (ВМШ) и за решавање шаховски композиции (ВМР) Каспер Пиорун од Полска пред ВМШ и ВМР Џон Нан од В. Британија (кој оствари најдобар резултат во категоријата сениори) и интернационалниот мајстор во решавање Никос Сидиропулос од Грција.
На седниците на Светската федерација за шаховски композиции (СФШК) на СКШК (на кои Гавриловски учествуваше преку интернет, како замена за македонскиот делегат во СФШК Никола Столев) беа донесени одлуки за распишување Поединечно СП за објавени шаховски композиции (ШК) за периодот 2022-2024 година (на кое интернационалниот судија на ФИДЕ за шаховски композиции Гавриловски ќе биде еден од судиите во групата матови во три потези) и беше најавено распишување на 12-то екипно СП во составување шаховски композиции на зададени теми (Гавриловски на претходните три СП беше неформален т.н. МВП, освојувајќи на секое од нив далеку најмногу поени од сите неколку стотини учесници). Распишан е и ФИДЕ-албум (официјална антологија на најдобри шаховски проблеми и студии) за периодот 2022-2024 г., во која директор на групата самоматови е Гавриловски, кој и за ФИДЕ-албумот 2016-2018 беше директор во таа група. Г.И.