Актерите од „Лит мун тиатар“ од Санта Барбара, САД, во рамките на Американската вечер на „Охридско лето“ ја одиграа светската премиера на претставата „Крал Лир“, од Вилијам Шекспир. Создадена од уметници од Македонија, Ерменија, Финска и од САД, претставата е режирана од извонредниот Џон Блондел, по импресии од сцената во предворјето на црквата „Света Софија“. Сценографијата и костимите, пак, се дело на нашиот познат костимограф Благој Мицевски, кому ова му е втора премиера годинава на „Охридско лето“, по неодамнешната „Галеб“ со Битолскиот народен театар.
Преку играта на актерската екипа се прикажаа живописни слики и визуелно раскажување приказни, раскажани на јазикот на Шекспир. Изведбата евоцира изгубени светови и минати времиња, атмосфери преплавени со антички ритуали, духови и соништа, едноставно раскажување и оригинална музика.
– Целата претстава е исполнета со референци за слепилото, не физичкото туку внатрешното слепило, трагедијата да се биде слеп при очи – рече главниот актер Ирвин Апел, кој ја игра улогата на кралот Лир.
Претставата испреплетува приказни за две семејства. Во едната, Лир го дели своето кралство меѓу двете ќерки што му ласкаат, а ја прогонуваат најмладата ќерка што искрено го сака. Во другата приказна, војводата од Глостер му верува на синот, кој е предавник, но се сомнева во неговата лојалност. Приказните на крајот се спојуваат во една со премногу болка.
Основан во 1991 година, „Лит мун тиатар“ е колектив на театарски уметници со седиште во Санта Барбара. Неговата мисија е да понуди театарски искуства што го прошируваат и продлабочуваат разбирањето на светскиот театар и културните традиции и промовираат и инспирираат меѓукултурно разбирање преку театарска изведба во живо. Од 1992 година, „Лит мун тиатар“ создаде 45 нови театарски проекти, продуцира тринаесет меѓународни театарски фестивали, доби десетици награди за своите уметници.
Џон Блондел е добитник на 13 независни театарски награди, а во 2003 година е добитник на награда за факултетско истражување од колеџот „Вестмонд“, во 2013 година е именуван за учител на годината и „локален херој“ за неговата „неуморна посветеност“ во меѓународната театарска заедница. До денес Џон има режирано над сто продукции во САД, Европа и Азија.


Признание за промоција на американската култура

Амбасадата на САД во Скопје, во рамките на Американската вечер на програмата од фестивалот „Охридско лето“, на директорката Наташа Поповиќ ѝ додели признание за големи достигнувања и соработка во промовирањето на американската уметност и култура во Македонија. Ова високо признание е одобрено со печат од Стејт департментот во Вашингтон.
Агуста Филбин, американското аташе за култура во Македонија, кажа дека признанието се доделува во знак за благодарност за долгогодишната соработка со американската амбасада, унапредување на културните врски, како и успешна промоција на американската култура. Поповиќ, изразувајќи благодарност до американската амбасада и амбасадорката Анџела Прајс Агелер, рече дека ваквите награди имаат значаен придонес во развојот на високите културни вредности по кои е препознатлив фестивалот „Охридско лето“.