Подобри услови за работа и зголемување на медиумската писменост во насока на објективно и професионално новинарство, треба да обезбеди Програмата за поддршка, печатење и дистрибуција на печатените медиуми во износ од 50 милиони денари, информираше министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспаретност Роберт Поповски, на прес-конференцијата одржана во Владата на Македонија.
– Една од клучните улоги на Владата е да ги регулира правилата на однесување на медиумскиот сектор на транспарентен недискриминирачки и правичен начин во согласност со јавниот интерес и потребите за информирање на граѓаните. Водени од овие принципи, но и по примерот на членките на ЕУ, на последната седница, Владата ја донесе програмата за поддршка, печатење и дистрибуција на печатените медиуми. Целта на програмата е да се реализираат активностите за поддршка на медиумите од општ и информативен карактер. Вкупните средства предвидени за 2017 година изнесуваат 50 милиони денари и ќе бидат распределени на печатените медиуми, исклучиво доколку тие ги исполнат сите критериуми предвидени во програмата, усогласени со меѓународните стандарди – истакна Поповски, додавајќи оти поддршката треба да биде јавна, транспарентна и врз прецизни критериуми, за никогаш повеќе да нема инвестирање на пари во медиумите заради нивна корупција или влијание.
Средствата ќе бидат распределени на печатените медиуми кои ќе ги исполнат критериумите предвидени во Програмата, усогласени со меѓународните стандарди.
– Корисници на средствата ќе бидат печатените медиуми од општ информативен карактер кои објавуваат содржини насочени кон непрекинато информирање на јавноста за тековните политички, економски, социјални и културолошки прашања. При поднесување на барањето, потребни се докази дека медиумот ги исполнил сите обврски кон државата, како и дека ги подмирил платите и продонесите на сите вработени, што е од клучно значење за финансиската сигурност на новинарите и на медиумските работници во печатените медиуми. Предвидените средства ќе се доделат на печатените медиуми на македонски јазик, во висина од 50 проценти во направените трошоци за печатење и 50 проценти за трошоците за дистрибуција. Печатените медиуми на јазиците на етничките заедници ќе добијат износ помеѓу 50 и 70 проценти за направените трошоци за печатење и дистрибуција – објаснува министерот.
Иницијативата потекнува од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), додека Програмата е во согласност со препораките во извештаите на Рајнхајд Прибе и на група експерти за реформи во медиумите, со поддршка од ОБСЕ и од други релевантни меѓународни организации. По завршување на процесот, јавноста ќе биде информирана кој печатен медиум добил финансиска поддршка, колкав е нејзиниот износ, односно кои медиуми евентуално не ги исполниле условите, според најавите. М.Ж.
Критериумите за распределба одредени од новинарите
– Ова е директна помош за професионалното новинарство. Ова не е нов проект, но битната разлика е во критуериумите за распределба, кои овојпат се предлог на Асоцијацијата на печатени медиуми кои Владата ги усвои без забелешка. Ние ги одредивме критериумите за распределба на помошта, со што не оставиме простор за поинакво толкување кое би било во насока на злоупотреба на мерката. Во план е решението да биде реализирано преку конкретен закон в година, за да не оставиме можност да биде злоупотребено, вели претседателот на Асоцијацијата на печатени медиуми Лирим Дулови, кој најави и реализација на програмата преку законско решение в година.