„Нова Македонија“ стекна увид во алармантни статистики за состојбата со иселувањето од земјава врз основа на истражување податоци објавени од домашни и странски институции, спроведено од редакцијата
Истражување на „Нова Македонија“ за иселените од нашата држава (3)
Македонија е во групата на дваесет земји во светот со најголема емиграција во странство, според стапката на емиграција во 2019 година, покажува извештајот на Меѓународната организација за миграција (ИОМ) за 2020 година. Според процените на Светската банка, речиси 40 отсто од високообразованиот кадар од Македонија ја напуштиле државата, а Индексот на одлив на мозоци на „Глобал економи“ (кој се движи од 0, ниско, до 10, високо) покажува декa Македонија е на петтото место (од 41 европска земја) – со 6,4 индексни поени. Притоа податоците на ревизорите покажуваат дека од земјава годишно (во периодот од 2013 до 2021 година) се иселувале околу 2.500 високообразовани луѓе.
Бројот на иселени варира низ годините, но сепак е висок
Бројот на македонски граѓани што заминале во странство во периодот 2013-2022 година изнесува 7.861, од кои 719 се високообразовни кадри, според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС), за што се прикажани и соодветни графикони (од 2013 до 2022 година за вкупно отселени граѓани, односно од 2015 до 2022 година за отселени високообразовани лица) што, како податоци и календарски периоди, ги анализиравме во нашата редакција.
Во согласност со податоците, од Македонија во 2015 година се отселиле 120 високообразовани граѓани, за две години подоцна, во 2017 година, тој број да се намали за 12 пати (се отселиле 10 лица во 2017 година). Од 2017 година (кога се отселиле 10 високообразовани лица) до 2022 година (се отселиле 275 високообразовани лица) бројот на отселени високообразовни граѓани од Македонија пораснал за 2.650 отсто, односно се зголемил за дваесет и шест и пол пати!
Во огромен обем, иако во помал степен од штотуку споменатата рапидна прогресија, се зголемил и бројот на вкупно отселени граѓани од Македонија. Во 2013 година се отселиле 945 граѓани, за во 2017 година да се иселат 141 лице, што е намалување од 570 отсто, односно за 5,7 пати. Пет години подоцна, во 2022 година, се иселиле 1.905 лица, петгодишен (2017-2022) период во кој за 1.251 отсто односно за дванаесет и пол пати се зголемила бројката на вкупно отселени наши граѓани!
Во 2017 година бил најмал бројот на отселени, како вкупниот број, така и бројот на високообразовани граѓани. За споредба, една година порано, во 2016 година, се отселиле 440 лица, од кои 44 биле со високо образование. Убедливо најголеми бројки има за 2022 година, кога се отселиле 1.905 лица, од кои 275 високообразовани. Овој број рапидно е зголемен во однос за претходната 2021 година, кога се отселиле 1.230 граѓани, од кои 112 се високо образование.
Според процените на Светската банка, речиси 40 отсто од високообразованиот кадар од Македонија ја напуштиле државата, а Индексот на одлив на мозоци на „Глобал економи“ (кој се движи од 0, ниско, до 10, високо) покажува декa Македонија е на петтото место (од 41 европска земја) – со 6,4 индексни поени
Усвоени мерки за намалување на иселувањето, но не и нивен мониторинг
Од страна на Владата е усвоена Резолуција за миграциска политика, со посебна стратегиска цел насочена кон намален интензитет на трајната емиграција во странство, со особен фокус на лицата со високо ниво на образование, но не е воспоставен мониторинг на имплементацијата на мерките и активностите од неа, а усвојувањето нови стратегиски документи е без оценување и евалуација на резултатите од претходните.
Не е воспоставен функционален систем за следење и управување со интелектуалната емиграција во Македонија, поради невоспоставена мрежа или база на податоци на македонските високообразовани лица што живеат и работат во странство и неизвршена анализа на состојбите со миграцијата на високообразовен кадар, со бројот на емигрирани лица, образовен профил, старосен профил, со адресирање на причините за емиграција.
Не е формирана посебна канцеларија во состав на Министерството за образование и наука (МОН) за управување со интелектуалната емиграција, како новоформирано административно тело што ќе биде директно одговорно за спроведување, следење, оцена и надградба на предложените политики и креирање на системот за управување со интелектуалната емиграција. Поради наведеното не се врши мониторинг над имплементацијата на мерките, не се известува периодично за степенот на имплементација на мерките, ниту се вршат анализа и оцена на ефектите од имплементацијата на мерките.
Опаднал и просекот на исплатени стипендии
Нашата редакција ги анализираше и споредуваше и податоците за исплатени средства за стипендии за втор и трет циклус на студии во странство, за периодот од 2013 до 2022 година. Пресметавме дека, по периоди, во просек, во периодот од 2014 до 2016 година бил најголем процентот на исплатени пари, во илјади денари – по година просечно изнесувал 106.207 илјади денари. За последните пет анализирани години, од 2018 до 2022 година, констатиравме дека просекот, во однос на претходно споменатиот просек од 106.207 илјади денари, опаднал за повеќе од 200 отсто, поточно по година изнесувал во просек 33.194 илјади денари.
Постојат и податоци за корисници на стипендии испратени на студии во странство, но таа бројка сѐ уште не е конечна и за таа тема во некоја наредна пригода.
Но, сепак, апроксимативната бројка на лица што користеле државни стипендии и потоа не се вратиле во државава (или, пак, мал број се вратиле и не се вработиле во државните институции) е фрапантна. Одговорноста во овој случај е огромна, а загубите на млади, полетни и образовани ресурси ја прави уште поголема штетата за државата.
Живко Здравковски
(крај)