Надлежните институции да ги земат предвид потребите на малите занаетчии кои трпат штета од работа во недела, повикаа денеска од занаетчиската комора на Република Македонија.
Малите занаетчии од услужните дејности, цвеќари, фризери, козметичари, се надеваат дека ќе можат да работат во недела. Од комората велат дека Законот за неработен ден во неделата уште при донесувањето предизвикал различни реакции и дека занаетчиската комора веднаш го оспорила.
– Верувам дека дијалогот во контекст на законот и во многу други области ќе се продлабочи и во нашата комора. Токму законот за неработен ден во недела ги ограничува и несоодветно се однесува и за микро и малите бизниси. Факт е дека околу 70 илјади микро и мали компании се ограничени да работат во недела, а токму тоа влијае на ликвидноста на многу занаетчиски дејности кои се услужни и не можат да работат во недела, нормално почитувајќи ги сите други законски одредби – вели претседателот на ЗКРСМ, Агрон Фазлији.
Комората ќе придонесе за да се разгледа законот и да овозможи сите вршители на занаетчиска дејност и самостојните занаетчии да имаат право да работат во недела почитувајќи ги другите законски одредби. Комората ги повика институциите да ги земат предвид специфичните потреби на занаетчиите и да предложат алтернативни решенија кои ќе ги заштитат нивните интереси и ќе овозможат континуитет на нивната работа. Оттаму велат дека е потребно е да се ревидира и олесни регулативата, со цел да им се дозволи на овие занаетчии да работат и во недела, за да можат да го задржат нивниот приход и да ги задоволат потребите на клиентите.
– Соочени сме со предизвици кои ќе имаат сериозни импликации врз нашите занаетчии. Неработната недела во изминатиот период предизвика дополнителен притисок пред сè врз фризерите, козметичарите и цвеќарите, но и кон другите дејности, кои веќе се борат да ги одржат своите бизниси поради економската криза. Овие занаетчии работат напорно за да обезбедат квалитетни услуги на нашите граѓани, а воведувањето на неработната недела им го отежни тоа. Занаетчиството е значаен дел од нашата економија и култура, и треба да се посвети посебно внимание за неговиот развој и поддршка – изјави извршната директорка на ЗКРСМ, Јелена Спасова.
ЗКРСМ ќе продолжи да работи активно на пронаоѓање на најдобри решенија за своите членови и да ги застапува нивните интереси пред надлежните органи, како што се Министерството за економија и Министерството за труд и социјална политика, како и пред Владата и Собранието на Македонија. Од комората најавија дека ќе ги пратат нивните забелешки до Владата и до премиерот во најкус можен рок.