Настан за деца и родители во рамките на Кавадаречкото културно лето 2024

Замислете библиотека за деца на отворено, мали масички и столчиња и најновите и најубави сликовници за деца и сето тоа на градскиот плоштад во Кавадарци во вечерните часови, кога поради големите горештини престојот надвор станува попријатен.
Оваа голема читалница на отворено, неодамна беше вистинско и несекојдневно доживување за децата и нивните родители, настан организиран во рамките на „Кавадаречкото културно лето“, кое годинава е дел од „Стрит фестивал 2024“, а го организираше библиотеката „Феткин“ во Кавадарци.
Настанот беше наменет за најмладите, оние од предучилишна возраст, кои сѐ уште не знаат да читаат и на кои особено им е потребно некој да им чита приказни, па затоа и беше насловен „Сакам да ми читаат мама и тато“. Се разбира во оваа читалница на отворено имаше место и за децата што веќе знаат да читаат и ним навистина ги имаше многу затоа што прекрасните илустрирани сликовници го привлекоа нивното внимание и наместо да гледаат во телефоните, тие оваа вечер ја одбраа книгата.
Идеен творец на овој несекојдневен настан е Петар Гурев, директор на библиотеката „Феткин“ во Кавадарци, кој искрено посакува читањето приказни на децата да им стане секојдневна практика на младите родители.

– Бидејќи случувањата во рамките на „Стрит фестивал“ се насочени кон настани на отворено, дојдов до идеја оваа година нашите настани да ги насочиме кон најмалите. Имајќи го предвид сознанието дека читачката култура се развива од најмали нозе, решивме да импровизираме читалница за деца на градскиот плоштад. Читалницата беше наменета главно за децата од предучилишна возраст што сѐ уште не знаат да читаат, па затоа настанот беше за деца и за родители не исклучувајќи ги децата од училишна возраст, кои се веќе описменети и знаат да читаат. На читачките маси пред децата и родителите беа ставени на располагање најновите и најпопуларни сликовници што децата и родителите имаа можност да ги прочитаат и разгледаат на овој целовечерен настан – вели Петар Гурев директор на библиотеката „Феткин“.
Тој истакна дека бил поттикнат од сознанието дека живееме во време кога поради брзиот начин на живеење и сѐ поголема зафатеност на родителите, децата од предучилишна возраст се речиси целосно исклучени од книгата и читањето.
– Наша цел беше пред сите деца и родители што таа вечер беа излезени на градскиот плоштад да ја претставиме магијата на сликовниците и пишаниот збор. На наше огромно задоволство, интересот за читање на сликовниците од страна на родителите и нивните деца беше голем, како и читањето на истите тие од страна на самите деца, по што решивме да го повториме овој настан на 12 август со уште повеќе места за читање и други анимации за децата, со цел да ги доближиме книгите до читачката публика – најави Петар Гурев.


Поради големиот интерес на родителите и на нивните деца решивме да го повториме настанот на 12 август со уште повеќе места за читање и други анимации за децата,
со цел да ги доближиме книгите до читачката публика, вели Петар Гурев, директор
на библиотеката „Феткин“ во Кавадарци