На бродот „Армада“, во рамките на „Бич филм фестивал“ во Охрид, се одржа панел-дискусија на темата „Неопходноста од филмска едукација во училишните програми, но и во рамките на неформалното образование во културните институции, организации и центри“, која е во организација на Кинотеката на Македонија и институтот „Гете“-Скопје. Оваа дискусија е дел од проектот „ФилмЕД“, во кој Кинотеката заедно со институтот „Гете“ има цел да развие и имплементира програми за обука за наставници и едукатори што ќе стекнат знаења и практики за воведување на филмското образование во наставните програми.
Методологиите и практиките развиени во рамките на проектот преку веб-платформа ќе бидат достапни за сите што сакаат да имплементираат филмска едукација наменета за деца од различни возрасти. Со оглед на проблемите со кои се соочуваат, потребно е да се постави прашањето кои практики би биле од голема корист за просветните работници и наставниците во обидите да го интегрираат филмското образование во нивните програми. Панел-дискусијата ќе се обиде да укаже на овие проблеми, да ја истакне нивната важност и да започне дискусија за нив.
Учесници на панел-дискусијата беа: Дамјана Патчева (виш филмолог), Саша Станишиќ (режисер), Гордана Бабоска (стручна соработничка за образовна соработка во институтот „Гете“-Скопје), Ана Опачиќ (директорка на фестивалот), Ивана Маховска-Шикалеска (наставничка) и Емилија Ристановска (наставничка).