Мирисот на хлорот во базените е многу силен, потсетува на летните одмори и поради тоа предизвикува позитивни емоции, но хлорот во водата всушност би можел да биде штетен за нашето здравје. Дерматолог од Кливленд, Џенифер Лукас, тврди дека хлорот може да влијае на оштетување на кожата и косата.
– Хлорот е одличен за базенот бидејќи помага да се дезинфицира водата, односно одржува ниско ниво на бактерии. Проблемот е што многу ја суши кожата – предупредува дерматологот.
Таа вели дека, освен сушење на кожата, хлорот може да предизвика и низа други симптоми. Може да се појави дерматитис, поради што кожата станува темна, со црвена или виолетова боја. Може да има отекување на кожата и формирање мали кластери од мозолчиња или плускавци. Некои пливачи може да доживеат и печење и чешање на кожата. Исто така, скалпот може да почне повеќе да се лупи поради изложеност на хлор.
Доколку забележите исип од контактен дерматитис по капење во базен, избегнувајте чешање, бидејќи на тој начин ги внесувате бактерии во кожата што можат да доведе до инфекција. Исипот можете да го третирате со лекови без рецепт. Меѓутоа, ако симптомите се влошат или продолжат неколку дена, треба да се јавите кај вашиот лекар.
Хлорот исто така може да ги отстрани природните масла од вашата коса, правејќи ја да се чувствува слабо, а може да влијае и на вашите очи и нокти на сличен начин. За да се изборите со овие проблеми, дерматологот има неколку совети. Можете да ги навлажните кожата и косата пред да влезете во базен, што ќе спречи апсорпција на премногу хлор. Користењето крем за сончање може да помогне во хидратацијата и да создаде заштитна бариера против хемикалиите од водата во базенот. Можете исто така да носите заштитна маска за коса што ќе го заштити вашиот скалп од ефектите на сушење. Може да бидат корисни и капа и очила за пливање. Најважно е да се истуширате по капење во базен.