Фото: „Нова Македонија“

ФУДБАЛ – УЕФА

Сите 24 репрезентации освоија најмалку еден бод во групната фаза, просечната разлика во бодови помеѓу првата и четвртата селекција во секоја група беше 4,5 поени, најниска досега од ЕП 1996, на кое првпат играа 16 репрезентации, а просечната разлика во голови во победите по групната фаза беше 1,03 гола, најниска заедно со ЕП 2020, мерено од ЕП 1992, пишува УЕФА

Настапите на репрезентациите на Грузија и на Словенија во осминафиналето на Европското првенство (ЕП) во Германија се пример за растечката конкурентност на европските шампионати, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА). Сите 24 репрезентации освоија најмалку по еден бод во групната фаза, а просечната разлика во бодови помеѓу првата и четвртата репрезентација во секоја група беше 4,5 поени, најниска од ЕП 1996, на кое првпат играа 16 репрезентации, пишува УЕФА. Според податоците на УЕФА, следни на оваа листа се ЕП во 2004 и 2016 година со по 5,5 поени, потоа се ЕП 2012 со шест, ЕП 1996 и ЕП 2020 со по 6,5, ЕП 2008 со седум и ЕП 2000 со 7,25 просечна бодовна разлика.

И самите натпревари се сѐ потесни. Просечната разлика во голови во победите на ЕП 2024 по групната фаза беше само 1,03 гола, најниска заедно со ЕП 2020 мерено од ЕП 1992, и значително помала од просечната разлика од 1,46 забележана од ЕП 2008, највисока во тој период. Следни на оваа листа, според УЕФА, се ЕП во 2004 и во 2012 година со по 1,17 гола разлика…

Проширувањето на европските првенства придонесе кон континуираната цел на УЕФА да ја зголеми конкурентноста на целиот европски фудбал, пишува УЕФА. Воведувањето на Лигата на нации не само што нуди нова патека за пласман на ЕП туку обезбедува редовни натпреварувачки мечеви, кои се клучни за овозможување напредок и поттикнување интерес. Актуелниот успех на Грузија на ЕП 2024 е новиот чекор во периодот на развој во кој Лигата на нации одигра значајна улога, а обезбедувањето финансиска поддршка е уште едно средство за зајакнување на европскиот фудбал, а по ЕП 2024 околу две третини од приходите генерирани од турнирот ќе бидат прераспределени помеѓу сите 55 асоцијации членки на УЕФА, за развој на фудбалот на и надвор од теренот, пишува УЕФА.


Полуфиналињата ќе бидат комплетирани вечерва

По денешните дуели Англија – Швајцарија (од 18 часот) и Холандија – Турција (21 ч.), ќе бидат комплетирани полуфиналните двојки на фудбалското Европско првенство (ЕП) во Германија, на кое синоќа за влез меѓу четирите најдобри селекции на годинашното континентално првенство играа Шпанија – Германија и Португалија – Франција. Во првото полуфинале во вторник меѓу себе ќе се сретнат победниците на вчерашните дуели, а в среда победниците на средбите што се играат вечерва. Н.М.