Претходно настап на ЛОИ 2024 обезбедија стрелачката Анастасија Мојсовска, таеквондистката Милијана Рељиќ и атлетскиот маратонец Дарио Ивановски
МАКЕДОНИЈА ЗАСЕГА СО ПЕТ УЧЕСНИЦИ НА ЛОИ 2024
Македонија ги доби четвртиот и петтиот учесник на годинашниве Летни олимписки игри (ЛОИ) во Париз (26 јули-11 август). Тоа се борачот Владимир Егоров, кој ќе настапи со олимписка А-норма, и џудистот Еди Шерифовски, со вајлд-карта. Искусниот борач во слободен стил Владимир Егоров (29), кој по потекло е од Русија, е носител на бронзен медал од Европското првенство (ЕП) во Букурешт (Романија) во 2019 година и на златен медал од ЕП во Будимпешта (Унгарија) во 2022 година, па со право се очекува да атакува и на олимписки медал во Париз.
– По одлуките на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) во врска со спортистите од Русија и од Белорусија, Обединетото светско борење го извести МОК дека олимпискиот стипендист на МОК, Владимир Егоров, како највисоко рангиран борач од олимписките квалификации во Баку, Азербејџан и како сѐ уште неквалификуван борач, со олимписка А-норма ќе може да настапи на ЛОИ во Париз 2024. Егоров доби покана по изземањето на борачот Аријан Тјутрин од Белорусија, кој беше трет на европските квалификации во Баку. Егоров е најдобропласиран и затоа ја доби поканата – велат од Македонскиот олимписки комитет (МОК).
Македонскиот надежен џудист Еди Шерифовски (22) ќе настапи на ЛОИ во тежинската категорија до 81 кг.
– МОК беше информиран дека со заедничка одлука на Интернационалната џудо-федерација (ИЈФ), а врз основа на постигнатите резултати и постојните правила, најдобриот македонски џудист Еди Шерифовски ќе учествува на ЛОИ во Париз 2024 година, со својот тренер Горан Мицкоски. Со ова продолжува трендот на континуирано учество на македонските џудисти и џудистки на ЛОИ, имајќи предвид дека ова се трети ЛОИ во низа на кои учествуваат најдобрите македонски спортисти и спортистки во џудо. Претходно на ЛОИ учествуваа Катерина Николовска (Рио 2016) и Арбреша Реџепи (Токио 2021) – информираат од МОК.
Како што е познато, претходно пласман на ЛОИ 2024 во Париз (Франција) од македонските спортисти обезбедија стрелачката Анастасија Мојсовска (ќе настапи на 28 јули, во дисциплината 10 метри воздушна пушка, 60 истрели), таеквондистката Милијана Рељиќ (турнирот е од 7 до 10 август) и атлетскиот маратонец Дарио Ивановски (10 август).
На Параолимписките игри (ПОИ) во Париз годинава, пак, по шести пат на ПОИ ќе настапи најдобрата македонска стрелачка Оливера Наковска-Бикова, која на ПОИ во Лондон во 2012 година освои златен медал во дисциплината воздушен пиштол од 10 метри. Наковска-Бикова на сите ПОИ на кои настапила, почнувајќи од 2004 година, била финалистка. Г.И.