Затоплувањето на северот на планетата е екстремно, стапката на зголемување на температурата е два степена повисока од планетарниот просек. Највидлив знак на промена е арктичкиот мраз, кој изгубил 75 отсто од својот волумен од 1980 година, со значително намалување на летната површина. Експертите велат дека, со тоа темпо, Арктикот би можел да остане без летен мраз веќе во 2035 година. А тука лежи и одговорот за нескриените амбиции на светските сили за превласт над Арктикот. Топењето на мразот ширум го отвора северниот поморски пат… Што значи тоа?
Климатските промени и геостратегискиот интерес на големите сили
Клучна причина зошто Арктикот станува сѐ поважен е глобалното затоплување, односно фактот што со тоа се овозможува отворање нови поморски патишта. Во тој случај многу поголема фреквенција светската пловидба би имала преку северниот поморски пат. Токму таа маршрута се смета за клучен поморски пат на иднината. Но исто така е факт дека споменатата маршрута најмногу се протега по должината на рускиот брег. Експертите веруваат дека пловењето низ оваа област, каде што нема да има мраз, би можело да го скрати растојанието помеѓу Ротердам и Јокохама за 40 отсто во споредба со поминувањето низ Суецкиот Канал.
Втора причина за амбиции за превласт над Арктикот: 13 отсто од неоткриените
нафтени ресурси во светот и 30 отсто природен гас се на Арктикот
Зборувајќи за природните ресурси, студијата на Геолошкиот институт на САД покажа дека поларниот регион на Арктикот може да содржи околу 13 отсто од неоткриените светски ресурси на нафта и 30 отсто од неоткриените светски ресурси на гас. Би-би-си објави дека арктичкиот регион би можел да биде дом на 160 милијарди барели нафта. Покрај тоа, областа содржи и големи количества минерали. Поради сѐ побрзото топење на мразот, се очекува дупчењето, ископувањето и транспортот на суровини да бидат полесни во блиска иднина. Едноставно – климатските промени ја направија експлоатацијата на ресурсите во пошироката област на Арктикот економски исплатлива, а државите се натпреваруваат за воена и комерцијална контрола над територијата.
Руско-украинскиот конфликт ги динамизира амбициите за превласт над Арктикот
Несомнено е дека Арктикот доби ново геополитичко значење во последните години.
Мариус Никвист Педерсен, автор на извештајот „Затоплување на Арктикот во Студената војна – Последици од климатските промени на Арктикот за норвешката безбедност“, напиша дека соработката на Арктикот функционираше добро со години. Сепак, тоа се промени со почетокот на руско-украинскиот конфликт. На пример, западните земји ја прекинаа соработката со Русија преку Арктичкиот совет.
– Изгубивме важен дипломатски форум за одржување на нивото на конфликтот.
Многу земји се согласуваат да ги зајакнат одржливиот развој и работата за животната средина. Русија се чини дека е позаинтересирана за искористување на ресурсите, контролира речиси половина од крајбрежјето што го опкружува Арктикот – изјави за јавноста Мариус Никвист Педерсен, додавајќи дека глобалното ривалство на суперсилите сè повеќе ќе го вклучува Арктикот.
Русија засега доминира со остварените амбиции за Арктикот
Русија во суштина е арктичка држава. Рускиот брег сочинува 53 отсто од Арктички Океан, а во регионот живеат околу два милиони Руси. Според економските показатели, 20 отсто од БДП на Русија се генерира на Арктикот, а на полуостровот Кола се наоѓаат две третини од руската нуклеарна енергија. На пример, реномираниот „Политико“ посочува дека во текот на изминатите две децении Русија доминираше во битката за Арктикот со изградба на својата флота од мразокршачи, бродови и подморници способни за нуклеарно оружје и развивање повеќе рударски и нафтени платформи на нејзиниот арктички брег долг 15.000 милји. Така, таа се обиде да ја преземе контролата врз таа нова северна морска маршрута, која би можела да биде во употреба до 2035 година. Русија најави дека ќе инвестира речиси 25 милијарди американски долари во инфраструктура за да се осигури дека маршрутата ќе стане клучна точка за светската трговија.
Независниот новинар Кенет Р. Розен за „Политико“ истакнува дека набљудувачите на Арктикот, вклучувајќи и норвешки дипломати, аналитичари на Стејт департментот и експерти за национална безбедност, рекоа дека стравуваат дека САД и Европа нема да можат да ја задржат контролата врз енергетските ресурси и дипломатијата во регионот, бидејќи „Русија сѐ повеќе поставува цивилни и воени инфраструктури низ Арктикот“.
Неименуван експерт изјави за „Ројтерс“ дека „Русија во моментов победува на Арктикот“.
– Во моментов воената рамнотежа на Арктикот е во голема мера на страната на Русија – нејзините бази во регионот се повеќебројни од оние на НАТО за околу една третина. Додека САД штотуку го основаат своето прво длабоко водно пристаниште на Арктикот, Русија веќе инвестираше многу во пристаништа, инфраструктура и пловни објекти за развој и заштита на северниот поморски пат – забележува Кенет Р. Розен за „Политико“.
А според изјавата за „Бизнис инсајдер“ на Грегори М. Гило, командант на Северната команда на САД, Америка во моментов има само еден тежок мразокршач за операции на Арктикот, додека Русија има околу 40.
– Тоа ја ограничува нашата слобода на маневрирање во тој регион – рече тој.
Новата арктичка стратегија на САД го смета Арктикот како платформа
за проекција на глобалната моќ
Што се однесува на американската страна, „Модерн дипломаси“ потсетува дека новата арктичка стратегија објавена од американската војска го смета Арктикот како платформа за проекција на глобалната моќ. Заедно со истата стратегија, во февруари годинава беше одржана и голема мултинационална воена вежба. Новинските извештаи велат дека ова е најголемата вежба досега на Арктикот, со тестирање оружје од следната генерација. „Политико“ потсетува дека Америка отвори и конзулат во Нук, Гренланд, а планира да назначи и амбасадор за регионот во рамките на Стејт департментот. На крајот на минатата година Америка донесе одлука со која најави проширување на надворешните граници на својот континентален гребен за речиси еден милион квадратни километри. Од тоа, повеќе од половина е во Арктички Океан. П.Р.
Во статијата се користени анализи публикувани во „Бизнис инсајдер “,
„Модерн дипломаси“, „Геополитика“ и „Политико“.
Историја на Арктикот
Арктикот низ историјата бил сцена на конфликти. Тоа ги вклучува државните конфликти меѓу арктичките нации, вклучувајќи ги и Канада и САД и Норвешка и Шведска, но и голем број конфликти околу управувањето со природните ресурси, како што се фоките и рибниот фонд. Подоцна Арктикот се карактеризираше со високо ниво на милитаризација во Студената војна, на пример распоредување интерконтинентални балистички ракети и нуклеарно оружје. САД и Канада изградија голем број радарски станици за откривање советски бомбардери и ракети, додека СССР воспостави голем број воени бази и аеродроми на Арктикот. Ледената покривка на Арктикот обезбеди тајно опкружување за операции на подморници, а двете суперсили спроведуваа редовни патроли во регионот. Но во времето кога беше основан Арктичкиот совет, регионот се сметаше за пример за мирна соработка, со цел да се грижи за прашањата за животната средина, научната соработка и економскиот развој.
Ако арктичкиот круг (66° северно) минува низ земја, таа се третира како арктичка земја. Арктичкиот регион се состои од осум земји – Канада, Данска, САД, Финска, Исланд, Норвешка, Русија и Шведска. За да им се овозможи соработка на регионалните држави, Арктичкиот совет беше формиран во 1996 година со Декларацијата од Отава. Тоа не е административно тело, туку еден вид форум за подобра соработка меѓу арктичките држави.
Арктикот повторно се споменува во контекст на нова студена војна
Канадскиот институт „Центростади Италија“ потсетува дека со враќањето на Москва на меѓународната сцена, продолжија патролите на стратегиските бомбардери на границите на воздушниот простор на НАТО, но и дека старите воени бази се повторно отворени и се изградени нови. Од 2014 година, Северната флота е една од петте флоти на руската морнарица. Д-р Лосон Бригам, истражувач на Универзитетот „Фербенкс“ во Алјаска, рече дека Арктикот стана најголема сцена за милитаризација во историјата.
– Приклучувањето на Финска и Шведска во НАТО значи дека седум од осумте арктички држави сега се дел од НАТО. Тоа ќе ја отежне, ако не и оневозможи, воената и безбедносната соработка меѓу Москва и другите арктички држави.
Од друга страна, приклучувањето на Финска и Шведска во НАТО сигурно ќе ги промени плановите на Алијансата и ќе поттикне повеќе способности за одвраќање и воен развој во регионот – рече тој, додавајќи дека иднината на Арктичкиот совет е понеизвесна од кога било, бидејќи членките одлучија да ја суспендираат работата по војната на Русија против Украина.