Значително е зголемен бројот на откриени и спречени обиди за нелегално поминување преку територијата на Република Македонија. Само во првите девет месеци од годинава беа спречени над 13 илјади обиди што е скоро четири и пол пати повеќе од истиот период лани, кога бројот на спречени обиди изнесуваше околу 3.000.
Ова го изјави Магдалена Несторовска, државна секретарка во Министерство за внатрешни работи, на денешната тркалезна маса „Тековните трендови на миграција и баратели на азил во 2018 година“.
– Една од причините за ова зголемување беше и појавата на нелегалниот проток долж рутата, но во обратна насока север- југ што беше директна последица на одлуката на Република Србија од септември 2017 година да го укине визниот режим со Ирак, Иран и други земји – вели Несторовска.
Во моментот еден од главните предизвици, како што посочи, е сузбивање на криумчарењето на мигранти и во таа насока се формираше Националната единица за сузбивање на криумчарење на мигранти и трговија со луѓе, која во комбинација со другите мерки се очекува дека и во иднина ќе даде позитивни резултати.
-Веќе има забележителни резултати, откриени се 44 случаи само во првите девет месеци од оваа година наспроти 11 откриени случаи во истиот период лани и спречено криумчарење на над 700 лица наспроти над 100 криумчарени мигранти во истиот период во 2017 година – рече Несторовска.
Директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права на РМ, Уранија Пировска посочи дека сеуште постојат проблеми со кои се соочуваме, односно мигранти кои поминуваат во нелегални рути и додаде дека постои и феноменот на депортација, зголемен број на барања за азил, од кои, како што вели, само мал број се решаваат позитивно.