Анастасија Мојсовска ќе се натпреварува во стрелаштво (28 јули), Милијана Рељиќ ќе настапи на турнирот во таеквондо (натпреварите се од 7 до 10 август), а Дарио Ивановски во атлетскиот маратон (10 август)
Таеквондистката Милијана Рељиќ, членка на клубот Тигри од Скопје, е третиот македонски претставник на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз годинава, по атлетичарот Дарио Ивановски и стрелачката Анастасија Мојсовска.
– Златниот медал на Милијана од Европското клупско првенство, поткрепен со одличниот рејтинг и резултати од последните натпреварувања, резултираа со покана од Интернационалниот олимписки комитет за настап на ЛОИ во Париз годинава. Голема заслуга за тоа, секако, има нејзиниот тренер Александар Ефтимов, како и континуираната успешна работа на нашата Таеквондо-федерација и пред сѐ на нашиот сребрен медалист Дејан Георгиевски и неговиот тренер Борче Костовски, кои го трасираа патот на таеквондо-спортот во Македонија – соопштија од Македонскиот олимписки комитет (МОК).
Мојсовска (22) е млада и надежна стрелачка, државна првенка и рекордерка на Македонија, а ќе настапи во дисциплината 10 метри воздушна пушка жени 60 истрели, која на ЛОИ 2024 ќе се одржи на 28 јули.
– Мојсовска на последниот Светски куп во Минхен годинава оствари нов македонски рекорд и висок светски резултат од 628,8 круга, кој е конкурентен за влез во финале на претстојните ЛОИ 2024, споредено со претходните ЛОИ во Токио, каде што за влез во финалето беа потребни 628,5 круга – информира МОК.
Пред еден месец настап на ЛОИ 2024 обезбеди повеќекратниот македонски рекордер Ивановски (26), кој на 10 август ќе се натпреварува во маратонската трка на годинашните Игри во Париз, на која треба да учествуваат осумдесетина атлетичари.
Се очекува Македонија да добие уште две покани, по една во машка и во женска конкуренција во пливање, оти процесот на доделување покани не е затворен.
На Параолимписките игри (ПОИ) во Париз годинава петти пат во низа на ПОИ ќе настапи стрелачката Оливера Наковска-Бикова, која на ПОИ во Лондон во 2012 година освои златен медал со дисциплината воздушен пиштол од 10 метри. Г.И.