Без скршена пара од државните институции, од почетокот на 90-тите години Аницинов достојно ја репрезентираше Македонија на светската спортска сцена. Тој освои повеќе од 30 трофеи на меѓународните турнири, на светските и европските првенства во тенис за новинари

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (302)

Владимир Аницинов (1)

Кога треба да се пишува за колега новинар, кој по професија е врвен правник, а притоа е и спортист, тенисер, навистина авторот, во случајот јас, се наоѓа во многу деликатна ситуација. Едноставно не знам од каде да почнам. Кога на ова ќе се додаде и фактот оти спортскиот новинар и тенисер Владимир Аницинов, кого сакам да ви го претставам, еден подолг период имаше и уште има сериозни здравствени проблеми, а, сепак, патуваше низ светот и учествуваше на репрезентативните новинарски тениски собири, претставувајќи ја нашата држава, а притоа никој не му помогна и не се заинтересира што прави овој човек за кого повеќе се знае надвор одошто дома. Во многу нешта Влатко потсетува на херојот на Сервантес, Дон Кихот. Разликата помеѓу нив беше во тоа што Дон Кихот каде и да тргнеше го следеа многу непријатности, во кои често го извлекуваше подебелиот крај, додека, пак, нашиот херој Влатко речиси секогаш од тие патешествија се враќаше како победник. Колку и да не се чувствуваше добро и да беше опоменуван од лекарите да не си игра со своето здравје, тој им пркосеше на сите и одеше по патот што самиот си го зацрта. А тој пат не беше ни малку лесен, тој пат бараше да се исцрпи и последниот атом од и онака ослабениот организам за да се стигне до целта.
И сега кога ги пишувам овие редови, се чудам и се прашувам, што човек е овој мој другар, уште од младешките години, овој Влатко. Неговата настојчивост, желба, љубов кон она што му го дава животот се граничи со фанатизам. Не, не, ова што го прави тој, е невозможно. Замислете во сиот овој период, кога уште како младо момче во 50-тите години го зеде рекетот во рацете, не застана. Дури имаше и една ситуација, кога 11 дена беше во кома, но тој сето тоа го преброди и повторно се најде на тенискиот терен.
– Додека ме држат нозете и покрај сите здравствени тегоби ќе чекорам, ќе се движам, а ако бидам барем малку подобар и ќе играм – одвај со зарипнат и речиси нечуен глас ми рече Аницинов, кога неодамна се слушнавме.
Тогаш си помислив, е ова е Влатко. Само тој може да има еден ваков натчовечки оптимизам.

Самохраниот бајрактар на црвено-жолтото знаме

Аницинов далеку од очите на македонската јавност постигнуваше врвни резултати на натпреварите со новинарите, организирани под покровителство на Светската тениска федерација. За жал, кај љубителите на спортот тие успеси поминуваа некако незабележително, за што секако вина имаме и ние новинарите, кои не му посветувавме поголемо внимание на нашиот колега. Еден од оние што особено ги цени резултатите на нашиот тениски матадор е искусниот новинар Милорад Стојмановски-Мишел. Во текстот посветен на Влатко, тој меѓу другото го има напишано и ова: „Самохраниот бајрактар на црвено-жолтото знаме, Владимир Аницинов, можеби е единствениот македонски спортист во чија чест четврт век се емитува химна, или се крева знаме, или се велича името на Македонија. Да чекаше помош од државата или и од спонзори, немаше да освои повеќе од 30 трофеи, поединечно и во двојки, на светски и европски првенства и на разни турнири за новинари тенисери. Се израдував кога го слушнав по ’цел еден век‘. Ме подисплаши. Не беше тоа неговата препознатлива боја на глас. Во кусиот телефонски разговор додека договаравме средба ми кажа само дека имал сериозни проблеми со здравјето. Малку ми олесни кога подоцна видов, оти тоа сепак е истиот тој, Владимир Аницинов, мојот долгогодишен колега, дописник на повеќе ексјугословенски весници и списанија. Побелен во косата, но и како да не е, кога 75 години легнале на плеќите. А, речиси е без брчка на лицето, со младешка става ’стегнат‘ во спортска опрема, без грам вишок околу појасот“, (текстот е објавен во јуни 2017 година).

Зачудувачки успеси со две светски титули

Сега ќе се оддалечам од она напишаното од Мишел и ќе се вратам на тениската кариера и листата на настапите и освоените трофеи од нашата спортска легенда Владимир Аницинов. Пошироката спортска јавност ќе биде изненадена од она што го направил, зашто тој некако во сенка чекореше од настан до настан, од успех до успех. Одвреме-навреме кога тој самиот ќе се јавеше и ќе информираше за својот резултат на некој од големите настани, тоа ќе го објавевме и толку. Дури некои велеа каде се натпреварувал, со кого играл? Е па, ова е убав повод да го кажам и тоа. Само читајте внимателно, а статистичарите и хроничарите на македонскиот спорт може веднаш да го запишат следново:
Владимир Аницинов од 1993 година до 2015 година, според неговата евиденција, која е и резултатски поткрепена, учествувал на 32 големи приредби, меѓу кои 16 светски првенства, два европски шампионата, два светски купа, седум опен турнири и пет купа, сите на Алпе Адрија во Умаг (Хрватска). Од сите овие учества најсреќен беше кога триумфира на СП во Бон во 1999, а потоа и во Тучепи во Хрватска во 2006 година, кога вторпат го освои светското злато.
– Да се биде победник меѓу новинарите од целиот свет, тоа не само за мене туку сметам дека е голем успех и афирмација и за мојата држава. Кога победив на СП во Хрватска, моите противници и оние што ги следат редовно нашите настапи и не беа толку изненадени. Тие веќе беа навикнати и ги очекуваа моите успеси, особено по онаа прва светска титула во Бон, кога меѓу другите го совладав познатиот Германец Еберхарт Васнер. Можам слободно да кажам дека бев најнепосакуван противник во првите кола од турнирите. Ова ми го кажа и Унгарецот Ференц Редеи, против кого триумфирав во финалето на СП во Хрватска. Се сеќавам, тогаш ми рече „добро е што ждрепката ми беше наклонета и со тебе играв во завршниот натпревар. Да се сретневме порано, сигурно немаше да стигнам до сребрениот медал“ – вели Влатко.
Влатко, кој во меѓувреме беше втор на СП во Градо (Италија), не испушти да каже оти меѓу ривалите речиси насекаде имаше квалитетни противници.
– Многумина од нив на времето биле активни тенисери дури и учесници на АТП-турнирите, а сега се вработени како коментатори на многу ТВ-станици и познати весници со милионски тиражи. Беше задоволство да си во едно такво друштво. Затоа, триумфите над нив ми носеа многу радост. Но и јас имав добра подлога, зашто како пионер, младинец и сениор учествував на првенствата на Македонија. На нив имав солидни постигнувања, а често се случуваше да дојдам и до завршните кола. Но морам да признаам оти некако бев во сенка на тогашните македонски асови Штериев, Михајлов-Грицко, Јовановски, Јанчулев, Апостолов, Панов и други. Навистина во тоа време тешко можеше да се стигне до која и да е титула, дали меѓу пионерите, младинците или сениорите – вели тој.

Во ист град двапати трет на ЕП

Прелистувајќи ги записите врзани со кариерата на Влатко Аницинов дојдов и до интересен податок. На двете учества на првенствата на Стариот Континент, тој двапати ги освојуваше третото место и бронзата, и тоа во ист град – Перчах во Австрија.
– Па на некој начин и ова може да се смета за куриозитет, зашто навистина ретко се случува некој тенисер во период од три години во исто место, на ист натпревар, да избори ист пласман, да биде трет – вели Влатко.
Кога ги набројувам успесите на нашиот новинарски тениски шампион Владимир Аницинов, морам да кажам оти тој паралелно со учествата на турнирите работеше и како новинар. Па, на некој начин и како таков ѝ беше познат на спортската публика. Тој долги години беше дописник на повеќе ексјугословенски весници, особено оние што излегуваа во Загреб во издание на „Вјесник“ – „Вечерње новости“ (23 години), „Спортске новости“ и „СН ревија“. Повремено соработуваше со Кош од Белград, а соработуваше и со „Нова Македонија“, „Вечер“ и со „Скок“. За неговиот придонес во македонската спортска журналистика да биде комплетен, заедно со Никола Ковачевски и со Гоце Сипковски, ја издаваше ревијата „Вардар“, пред сѐ посветена на нашиот најголем фудбалски бренд.
Ова што го напишав досега е само еден мал дел од кариерата на новинарот и тенисер Владимир Аницинов, чии тениски достигнувања најчесто беа информативно пренесувани, па така, и не можеа посилно да бидат врежани во меморијата на спортските љубители. Затоа, и идната недела ќе се обидам докрај, со сите атрибути и успеси, да го претставам асот во „сенка“. Ако велам во „сенка“, ова го кажувам алегорично, зашто тој не само што не е во сенка туку е на врвот на македонскиот спорт, имајќи го предвид сето она што зад себе го има оставено како спортски резултат. Ќе бидете изненадени и од неговата тренерска кариера.


Владимир Аницинов

Роден: во 1943 година во Скопје
Кариера: ТК Југ од Скопје, репрезентативец на Македонија во конкуренција на новинари тенисери, спаринг-партнер и тренер на неколку македонски дејвис-куп репрезентативци
Успеси: Две титули светски првак во конкуренција на новинари тенисери во Бон и во Тучепи, втор во Градо (Италија), пет пати трет на СП, во Варна, Белград, Албена, Плештани и во Херцег Нови, едно второ и две трети места на СП во игра на двојки, две трети места на ЕП, победник на повеќе меѓународни опен турнири и светски купови и многу втори и трети места на истите натпревари