Првото пиво во светот го направиле Сумерите, најраната позната цивилизација што живеела во Месопотамија, во областа на денешен јужен Ирак, пред приближно четири-шест илјади години. И денес, нивниот рецепт за пиво од Месопотамија може да стане хит, бидејќи има помал јаглероден отпечаток од многу други пива. Древниот рецепт бил откриен врежан во глинена плоча, а бил напишан како песна за Нинкаса, божицата на пивото. Поемата открива дека пивото што го пиеле било направено не само од вообичаените зрна, квасец и вода туку и од стари кори леб.
Сумерите го обожавале ова пиво, за што сведочи и пиктографот за пиво, кој е еден од најчесто користените во сумерскиот пишан јазик. За разлика од повеќето пива денес, ова пиво користи „пивски леб“, двапати печен јачменов леб и токму затоа е подобро за животната средина – затоа што лебот ги заменува житата. Милениуми подоцна, во 2016 година, основачите на „Тоуст бруинг“ во Лондон, Тристрам Стјуарт и Луиза Зиан, решија да го оживеат овој древен рецепт кога ќе се соочат со огромните количества отпад од храна што го создаваат фабриките и продавниците. Одлучиле да направат пиво од фрлен леб бидејќи се проценува дека низ светот дури 900 илјади тони произведен леб секоја година завршува во ѓубре. Тристрам Стјуарт, еколошки активист во непрофитната организација „Фидбек“, го набљудувал обемот на овој отпад во 2013 година кога посетил фабрика за сендвичи, која снабдувала супермаркет во Велика Британија со пакувани сендвичи.
– Имаше голем контејнер што беше полн со парчиња леб – изјави Зиане за Би-би-си.
Кога Стјуарт разговарал со компанијата, проценил дека во тој сад има дури 13 илјади парчиња леб, а открил и дека краевите на лебот, како и парчињата леб до него, најчесто се фрлаат бидејќи тие не се совршено квадратни. Набргу потоа, случајната посета на Белгија го инспирираше Стјуарт да го претвори фрлениот леб во пиво. Така е родено „тоуст бруинг“ во 2016 година, пиво направено од остатоци од леб од различни лондонски пекарници, по моделот на она што го правеле Сумерите. Рецептот за правење на ова пиво заменува 25 отсто од зрната што вообичаено би се користеле за производство на пиво со леб.
Најголем проблем за животната средина е токму одгледувањето на житата – за нивното одгледување е потребно големо количество вода, а придонесуваат за климатските промени преку емисиите на стакленички гасови. Токму затоа пивото не е добро за животната средина, а доколку житата се заменат со стар леб, влијанието на пивото врз животната средина значително се намалува. Дополнително, ако стариот леб се користи за производство на пиво, тој нема да заврши во отпадот, со што ќе се спречи ослободувањето метан, што се случува кога лебот или која било друга храна скапува во средина сиромашна со кислород. Метанот е многу моќен гас, кој има 80 пати поголемо влијание врз глобалното затоплување отколку јаглерод диоксидот.