Фото: ЕПА

Социоекономската криза и светската геополитичка нестабилност ги разбудија егзистенцијалните и безбедносните прашања и дилеми кај електоратот – прашања на кои радикалната левица, либералите и умерената десница не можат да одговорат, додека радикалната десница наметнувајќи се како „спасител на Европа“ вешто го користи моментот за придобивање и мобилизирање на европскиот граѓанин

Јунските парламентарни избори во Европската Унија се само додадена вредност на епитетот што на 2024 година ѝ се наметна – „рекордна избирачка година“. Изборите годинава се одржуваат во еден од најспецифичните и најкризни периоди од постоењето на самата Унија. Имено, ова се првите избори откако една од најклучните економски и воени алки, Велика Британија, веќе не е дел од Унијата; први избори по една од најголемите светски економски кризи и избори во услови кога Европската Унија се соочува со огромни внатрешни и надворешни безбедносни прашања – справувањето со мигрантската криза и војната во Украина.
Неуспехот во справувањето со мигрантската криза веќе подолго од деценија ги става на тест внатрешната безбедност на Унијата, но и толеранцијата на домашното население во однос на сѐ помасовните напливи на илегални миграции, кои во голема мера покажуваат целосно отсуство на желба за асимилација или адаптација во новото општество.
Дополнително, социоекономската криза предизвикана од пандемијата на ковид-19, војната во Украина, геополитичката нестабилност на светската сцена, но и состојбата со европските земјоделци, ги разбудија егзистенцијалните и безбедносните прашања кај електоратот – прашања на кои радикалната левица, либералите и умерената десница не можат да одговорат, додека радикалната десница наметнувајќи се како „спасител на Европа“ вешто го користи моментот за придобивање и мобилизирање на европскиот граѓанин.

Десницата во националните парламенти

Зголемената популарност на десницата воопшто не е нова појава. Парламентарните избори во последната година во неколку европски држави ги покажаа популарноста и привлечноста на десноориентираните партии меѓу електоратот, кои остварија убедливи победи во речиси сите пратенички трки, во некои случаи зголемувајќи го бројот на мандати за два-три пати. Од друга страна, изборите ја илустрираа и непопуларноста на левицата, но и нејзиното настојување по секоја цена да ја задржи политичката моќ.
На парламентарните избори во Шпанија, иако конзервативците издвојуваа убедлива победа со нови 48 мандати, сепак, мандатот за формирање на новата влада го доби актуелниот премиер, Педро Санчес, откако склучи коалициски договор со каталонските политички партии за сметка на што се обврза на целосна амнестија на стотици каталонски граѓани и полицајци, обвинети за просепаратистички процеси во Каталонија во периодот 2012-2023 година, потег што беше широко критикуван од пошироката јавност.
Во истиот период во Грција, Нова демократија со повеќе од двојна разлика ја порази левицата на Ципрас, СИРИЗА. На овие избори се појави и нова радикална десничарска партија, Спартанци, која освои дури 12 пратенички мандати. Наспроти европските избори, грчките анкети прогнозираат тројна предност на Нова демократија пред сите други левичарски партии.
Електоратот во Холандија, пак, која се смета за една од најлибералните држави во светот денес, довербата ја даде во рацете на радикалната десница – Партија за слобода, која на општо изненадување склучи коалициски договор со либералите и направи, условно кажано, преседан за либерално-десничарска постизборна соработка во Европскиот парламент.
Бугарија, како една од најконзервативните држави во ЕУ, е во неколкугодишна политичка криза од која најголем победник излезе радикалната десница олицетворена во партијата Преродба на Костадин Костадинов, која освојувајќи сѐ повеќе гласови во секој изборен круг, прерасна во трета најмоќна политичка сила со предвидување за уште поголем пораст на популарноста на европските избори.
Во Полска, пак, иако Обединетата десница предводена од владејачката Закон и правда победи и на парламентарните, а подоцна и на локалните избори годинава, можноста да ја состави новата влада ја доби умерената десница откако Доналд Туск направи широка коалиција со речиси сите други учесници на изборите, а чија кохезија и функционалност е под голем прашалник поради идеолошкиот колорит.
Интересни да се проследат беа и изборите во Португалија каде што победи умерената десница, Социјалистичката партија изгуби дури 42 пратенички места, а релативно новата радикална десница Доста обезбеди 48 мандати (38 нови), која приближувајќи се на помалку од 20 места до двете мејнстрим-партии, го разниша де факто двопартискиот систем во државата што постоеше со децении.
Сумирано, пет од дваесет и седумте држави членки имаат радикална десница во своите влади, а набрзо кон нив се придружува и Холандија. Во Франција, во моментов, најмоќен политички фактор на сите анкети е Националниот собир на Ле Пен, додека Алтернатива за Германија е на раб да се наметне како втор клучен фактор во Германија пред социјалистите на Олаф Шолц. Покрај овие, и на изборите во државите како Хрватска, Бугарија и Португалија радикалната десница забележува рекорден пораст, што само го најавува нивниот нов успех на европските парламентарни избори.

Колку десно ќе скршнува Европа?

Од првиот парламентарен состав во 1979 година, па сѐ до денес, Европската народна партија и Прогресивниот сојуз на социјалистите и демократите негуваа големо меѓусебно разбирање и соработка, често поддржувајќи се меѓусебно, па дури и дејствувајќи како де факто коалициски партнери во работата на парламентот. Оваа година, според проекциите на сите релевантни анализи, за првпат постои можност за широка десничарска влада што на партиите со конзервативен предзнак би им пружило поголем комфор за самостојно да одлучуваат по круцијални прашања поврзани со миграциските политики, справувањето со надворешната опасност и војната во Украина, регулаторните политики, зајакнување на националниот суверенитет на државите членки итн.
Проекциите на реномираните „Еурактив“ и „Јуроп електс“ очекуваат минимални промени кај радикалната левица, социјалистите и народната партија, двоцифрени мандатни загуби кај зелените и пораст на реформаторската и радикалната десница. Анализите предвидуваат и поддршка на десницата од рекордниот број „независни“ пратеници во чиј состав всушност влегуваат и мандатите на Алтернатива на Германија, која на неколку дена пред изборите беше исфрлена од својата парламентарна група и Орбановата Фидез, која од 2021 година настапува независно, но не ја крие поддршката кон своите истомисленици од десниот блок.
Според анализата што ИПСОС ја објави во март годинава за потребите на „Еуроњуз“, во Франција, Холандија и во Австрија апсолутен победник се очекува да биде Идентитет и демократија. Во Италија се очекува убедлива победа на Европските конзервативци и реформатори преку владејачката Браќа на Италија. Европската народна партија ќе очекува победа во 13 држави, меѓу кои се и сите балкански членки на ЕУ. Анкетите предвидуваат победа на социјалистите и демократите во скандинавските држави, Литванија, Португалија и Малта, а радикалната Левица само во Република Ирска.
Понатаму, во анализата се предвидуваат шест потенцијални групирања во идниот парламент, две мнозински и четири малцински коалиции. Една од најможните е всушност централнодесничарската коалиција, составена од либералната Обнови ја Европа, Европската народна партија и Европските конзервативци и реформатори, која би располагала со 46,9 отсто од мандатите.
Помалку веројатна, но не и невозможна, е широката десничарска коалиција, составена од трите парламентарни групи со конзервативен предзнак, здружувајќи 46,4 отсто од мандатите, а која со мала поддршка од дел од пратениците од Идентитет и демократија и независните европратеници би го постигнала потребното мнозинство во Европскиот парламент.

Кој со кого?

Сума сумарум, Фон дер Лејен не ја исклучува можноста за коалиција со Европските конзервативци и реформатори, отфрлајќи ги шпекулациите за потенцијална соработка со Идентитет и демократија, која, пак, е категорична дека не би ја поддржала претседателката за втор мандат.
Од друга страна, преседанот што се направи со коалицијата меѓу либералите и радикалната десница во Холандија, проследена со изјавата на претседателот на Европскиот совет, Чарлс Мишел, дека е возможна соработка со некои крајно десничарски партии, ни дава слобода за шпекулирање дека во новиот парламентарен состав е возможна централнодесничарска коалиција.
Порастот на Европските конзервативци и реформатори и Идентитет и демократија на Европската народна партија ѝ дава мошне поволна позиција за првпат да не соработува со Прогресивниот сојуз на социјалистите и демократите, но само доколку создаде коалиција со пратениците од Обнови ја Европа, Европските конзервативци и реформатори и добие поддршка од пратениците на Фидез и Алтернатива за Германија од „независниот“ блок.
Секако не смееме да ја исклучиме и можноста европската десница да освои многу повеќе од проектираните гласови и во крајна линија да ги надмине меѓусебните недоразбирања. И за првпат во историјата да имаме хомогена десничарска мнозинска коалиција, по што, со сигурност би можеле да очекуваме длабоки реформи, а во најлош случај и прашалник врз иднината на Унијата.

(Преземено од „Республика“)


Совет на Европа Генерира политика на дејствување

Графиконот покажува како меѓусебно комуницираат трите главни тела за одлучување на Европската Унија.
– До 450 милиони граѓани во 27-те земји членки на Европската Унија ќе гласаат во периодот од 6 до 9 јуни за да изберат 720 члена на Европскиот парламент, една од трите основни институции на Унијата.
Пред изборите за Европскиот парламент, Германија ја намали старосната граница за учество на 16 години – дозволувајќи им на околу 4,8 милиони млади Германци да гласаат за првпат.
Оваа промена ја прави Германија најголемата од само петте држави во ЕУ што дозволуваат гласање на лица помлади од 18 години. Австрија, Белгија и Малта веќе им дадоа право на глас на младите од 16 и 17 години, а Грција ќе дозволи секој што ќе наполни 17 години во 2024 година да учествува во гласањето.
Сепак, политичкиот пејзаж има предизвици. На помладите германски гласачи особено им се додворува крајната десница, особено партијата Алтернатива за Германија (АфД). Оваа партија, која се приклонува кон тврд евроскептицизам, десничарски популизам, па дури и екстремизам, потенцијално може да го преобликува политичкиот дискурс во ЕУ.
Поддршката за екстремно десничарските и конзервативните партии, исто така, се чини неограничена во Белгија, Франција, Италија, Луксембург и во Холандија, според истражувањето на „Еуроњуз“ од 26.000 интервјуа.
Италијанските десничарски Браќа на Италија би можеле да скокнат од сегашните седум пратенички места на 23, покажувајќи ја динамичната природа на политичкиот пејзаж.
Покрај тоа, три партии поврзани со екстремно десничарската парламентарна група Идентитет и демократија (ИД) водат во анкетите во Франција, Холандија и во Белгија.