Фото: СДСМ

Кандидатура за претседател на СДСМ денеска поднел и Александар Бајдевски, објави партијата на Фејсбук.

– Денеска во седиштето на СДСМ, кандидатура за Претседател на партијата на внатрепартиските непосредни избори поднесе и Александар Бајдевски – се посочува во објавата на СДСМ.

Рокот за поднесување кандидатури за претседател на СДСМ завршува денеска. Кандидатури за претседател поднесоа Венко Филипче, Славјанка Петровска и Јован Деспотовски.

За кандидат за претседател на СДСМ може да се кандидира лице со најмалку пет години членство во СДСМ кој најмалку еднаш бил избран од страна на Конгресот на СДСМ за член на некој од органите на партијата.

В недела СДСМ ќе одржи отчетен конгрес, а изборот за претседател ќе биде на 30 јуни.


Битиќи: Нема да се кандидирам за претседател на СДСМ со цел да ја спречам понатамошната фрагментација на членството

Фатмир Битиќи, пратеник и член на СДСМ објави на Фејсбук дека нема да се кандидира за претседател на СДСМ, со цел, како што вели, да ја спречи „понатамошната фрагментација и поларизација меѓу членството“.

– Сега, во овој изборен период нема да се кандидирам за претседател на СДСМ, а тоа го правам за да ја спречам понатамошната фрагментација и поларизација меѓу нашето членство. Но мојата политичка мисија се протега надвор од партиските функции и поделбите, таа ја нагласува соработката, дијалогот и меѓусебното разбирање, што единствено може да се постигне ПОИНАКУ, со враќање на социјалдемократските вредности. Тоа е сосема ПОИНАКУ од досегашните политички навики на однесување кон државата, па и кон партијата. Очекувам и верувам дека идеологијата и вредностите ќе ја направат разликата и промената првин во СДСМ, а потоа и во државата – истакнува Битиќи.

Во објавата на Фејсбук насловена „Може и поинаку“, Битиќи посочува дека тоа што во последните три години ја извршувал функцијата потпретседател на СДСМ не го фаворизира, ниту го прави посоодветен од кој било член и членка на партијата за функцијата претседател.

Во однос на сопартијците кои ги поднесоа своите кандидатури, Битиќи смета дека секој што ги споделува социјалдемократските вредности и е со желба за „вредносно возобновување на партијата во периодот што следи“ заслужува да ја добие неговата и поддршката на сите членови, но има забелешки за актуелните процеси во СДСМ, во контекст на заземањето страни од страна на дел од членството и давањето поддршка за своите фаворити.