Дали сведочевме на раѓањето на новата македонска политичка сцена на конститутивната седница на новиот состав на Собранието? Се чини дека магнитудата на политичкиот земјотрес, која ја предизвикаа македонските граѓани со својот глас на 8 мај, ги измести целосно тектонските плочи на македонската политика, па безмалку еден месец по изборите уште не се смирени потресите иако интензивно се исцртува релјефот на идната македонска политичка географија.
Највпечатлив момент на изборите беше големата победа на ВМРО-ДПМНЕ и на претседателката Гордана Силјановска-Давкова, но ништо помалку значајна случка не е рушењето на СДСМ. Оваа партија по вторпат во својата историја губи 28 пратеници, како и во 2006 година, но со таа разлика што сега падна на бедни и срамни 14 пратеници (18 со коалицијата), по првпат во својата демократска историја отиде под 200 илјади гласа, а Стево Пендаровски буквално беше збришан на претседателските избори. Најлегитимно е прашањето дали СДСМ сè уште е стожер на македонската политика, односно партија способна да исфрли премиер од своите редови што би ја составил и предводел владината коалиција. Досега во македонската политика сме сведочеле на подемот и на падот на многу политички партии што ветувале дека ќе ја рекомпонираат домашната политичка сцена, но се чини дека сега сведочиме на пад на стожер. Во соседството следевме како се рушат стожерни партии, од Пасок во Грција, преку српските социјалисти и подоцна српските демократи, бугарското СДС и подоцна бугарските социјалисти, но се чинеше дека тие тенденции ја одминуваат Македонија.
Проблемот со иднината на СДСМ како стожер е тоа што таа партија веќе нема што да им понуди на избирачите како идеолошка платформа. ВМРО-ДПМНЕ, предводена од Христијан Мицковски, се утврди како умерениот пол на македонската политика, како најширока центристичка партија што во себе собира сè од националната десница, преку конзервативниот глас, гласачите што бараат умерен граѓански концепт, па сè до избирачите со социјалдемократски светоглед. Сета таа енергија се слеа на контото на ВМРО-ДПМНЕ. Граѓаните што бараат одговорна власт, заштита на националните и на државните интереси, економски раст, отчетност, социјална заштита, силно јавно здравство и квалитетно јавно образование, ред и мир, одбрана на уставниот поредок, како и суштинска европска интеграција, својот дом си го најдоа под големиот шатор на ВМРО-ДПМНЕ. „Некои нешта мора да се променат за сè да остане исто“ е познатата реченица од Отело на Шекспир, која би била најдобар опис на граѓанскиот конзервативизам, сега кај нас отелотворен преку ВМРО-ДПМНЕ. Впрочем, партијата си го заслужи своето членство во Европската народна партија со своето однесување во изминативе седум години. Авантурите на Зоран Заев ја донесоа Македонија на работ на пукање. Христијан Мицкоски беше критикуван за неговата стратегија да избере институционална борба за исправање на неправдите и за обидите да се спаси тоа што е можно да се спаси по националните катастрофи. Тој не подлегна на повиците на касандрите, сирените и безумниците за радикализација на отпорот. Ги гледаме последиците од политички стратегии на изострување на тензијата низ светот во многу политички системи. Радикализацијата лесно прераснува во насилство, а потоа и демократијата и државите се смртно загрозени. ВМРО-ДПМНЕ можеше да го избере и тој пат во своето политичко дејствување, но го избра далеку потешкиот од низ институциите, често на моментална штета на сопствениот политички рејтинг. Членките на Европската народна партија покажаа завидно својство на политичко приспособување, но се изборија за позиција на стожер и на умерен центар на европската политика, притоа никогаш не губејќи го од вид големиот проект на европската интеграција. На патот кон таа нивна позиција, европските народњаци успеаја да ги апсорбираат политиките на европските либерали и на европските социјалдемократи, па често се единствениот умерен пол во домашните политики. Нивните противници најчесто доаѓаат или од националпопулистите на новата десница или, пак, од радикалната левица.
Така, изборите од 2024 година ја приближија Македонија кон Европа, особено со обликот на домашната политичка сцена. Сега и кај нас има еден умерен стожер, ВМРО-ДПМНЕ, кој програмски ги претставува сите аспекти на умерените конзервативни, либерални и социјалдемократски политики, иако со далеку понагласен акцент на конзервативното и на граѓанското. На конститутивната седница на новиот состав на македонското собрание, партијата Левица ја истакна својата кандидатура за да го обликува радикалниот пол на македонската политика. Тие за своја цел ги избраа токму ВМРО-ДПМНЕ и идниот мандатар. Нормално, Христијан Мицкоски одговори жестоко на фрлената ракавица од Левица и покажа дека тој ќе го брани статусот на ВМРО-ДПМНЕ како умерен пол на македонската политика. Вербалната битка помеѓу пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и на Левица, за време на конститутивната седница на Собранието, исцрта како може да изгледа новата македонска политичка сцена, односно судирот помеѓу умерениот и радикалниот пол на македонската политика. Притоа, овој судир на конститутивната седница буквално ги прегази и ги сомле преостанатите политички партии во Собранието, па логично се поставува прашањето дали воопшто остана простор за другите политички опции.
ВМРО-ДПМНЕ, доколку вака се конфигурира идната македонска политичка сцена, затоа што таа ќе стане природна партија на власта, е логичен избор на граѓанска Македонија. Исто така, и Левица добива многу од ваков развој на настаните затоа што добива шанса за раст како политичка партија и востоличување во главна опозициска партија. Нормално, тие вакви какви што се во моментов немаат пат како да дојдат до власта, но современата политика е преполна со примери како радикалите се преобразуваат во системски партии, токму во моментот кога власта им е на дофат.
Најголеми губитници на конститутивната седница беа СДСМ и ДУИ. Одамна СДСМ нема што да им понуди на граѓаните како идеолошки проект, но сега се чини дека таа е влезена во претсмртна агонија. По првпат во историјата пратениците на СДСМ ја одмолчија првата седница на новото Собрание. Во минатото секоја опозициска партија го користела тој момент за да покаже пркос, за да покаже живот и за да исцрта во кој правец ќе се движи нејзината критика кон идната власт.
Партија што ја нема на политичката сцена, партија чии пратеници не се јавуваат за збор, едноставно не постои како организирана политичка сила. Така што, на СДСМ му следуваат или една долга идеолошка обнова, темелно реструктурирање и ребрендирање, со идеолошко подмладување, или побавно или побрзо бледнеење во заднина. Сега нивниот пат за да си ја вратат позицијата на стожер е уште потежок затоа што ВМРО-ДПМНЕ го презеде целиот простор за умерени политики, а наедно јавноста има одиум кон СДСМ како партија што ги предаде и ги издаде националните и државни интереси за доаѓање на власт. Покрај тоа, хаотичното, лошо и некомпетентно управување со државата дополнително ги делегитимира во очите на избирачите. На овие избори паднаа традиционалните бариери во македонската политика, а можеби нивното рушење со себе го повлече и СДСМ.
Најлоша стратегија избра од ДУИ, кои едноставно избегаа од конститутивната седница, па потоа одржаа конференција за печатот каде што никој не ги разбра што сакаат да кажат. ДУИ влезе во серија погрешни потези, кои може, исто така, да го доведат под прашање нивниот опстанок како организирана политичка сила. Ним, исто така, им следува долго приспособување кон новите околности.
Ова се првичните заклучоци од конститутивната седница на новото македонско собрание. Македонската политика засекогаш е променета по изборите од 2024 година!
Ивица Боцевски