Се промени ли и внатрешната македонска политика како резултат на влезот во НАТО и претстојниот процес на заокружување на македонската европска интеграција? Али Ахмети и неговата ДУИ по првпат одиграа серија погрешни потези во македонската политика, кои кулминираат сега со целосната изгубеност на оваа партија во постизборниот период. Веќе анализирав дека Али Ахмети својата моќ ја темелеше на два битни лоста. Првиот беше демократскиот мандат што го добиваше од Албанците во Македонија, како неприкосновен и надмоќен победник на изборите. Тој својата аура ја градеше на ореолот на „победничкиот командант“ на македонската УЧК (ОНА) кој ги поразил Македонците („Словените“ во својот најпогрден и политички некоректен јазик од песните што милува да ги пее). Во реалност тој и не однесе ниту една војничка победа на бојното поле, УЧК беше маргинализирана во зафрлени рурални средини и 2001 година не се пренесе во ниту една поголема урбана средина (со исклучок на епизодата на тетовското кале). Македонската мултиетничка војска и полиција го добија секој судир со моноетничките бунтовници, прелеани од Косово. Но, како и секоја герила, тој ја доби најзначајната битка, односно неговата УЧК преживеа како структура додека нештата не дојдоа на зелената маса, односно кога во Скопје и во Охрид беше испреговаран Рамковниот договор, под будното око на ЕУ и на САД. Во својот подем кон власта Ахмети не можеше да се потпре на неговите „енверисти“ затоа што тие беа маргиналци насекаде низ поранешна Југославија. Треба посебна колумна да посветам на фактот дека во СФРЈ израсна посебна албанска нација на Балканот, која имаше своја сопствена општествена, политичка и културна динамика, различна и отклонета од другата албанска нација што се развиваше во НР Албанија. „Енверистите“, како увозен производ, не вирееја во СФР Југославија, а и ден-денес го гледаме остатокот од оваа дихотомија кај етничките Албанци на Балканот. Затоа Ахмети беше принуден да кооптира цели структури од некогашната ПДП во ДУИ, потоа голем број опортунисти, дури и Албанци од СДСМ, од некогашната номенклатура, како и луѓе од разните потсистеми во Македонија. Затоа ДУИ и ден-денес не е цврста структура, туку е коалиција на интереси, обединета околу Али Ахмети. Проблемот со овој наратив е тоа што Ахмети веќе предолго е во политиката, родени се нови генерации Албанци за кои „херојската 2001 година“ е многу далечно минато и ДУИ се претвори во синоним за претерувањата на власта.
Втората точка на која Али Ахмети ја базираше својата вредност беше потенцијалот на неговата структура за дестабилизација на Македонија, па затоа се вадеа „чизмите од таванот“, „крвавата кошула на УЧК“ од креденецот, се правеа денови на кечето, се летаа дронови, се градеа меморијални центри и така натаму. Целта беше да се потсети меѓународната заедница, а и Македонците, кој го држи клучот за внатрешната стабилност на Македонија. Во услови на незатворени балкански прашања, а особено околу статусот на Косово и внесувањето на целиот Западен Балкан во НАТО и во ЕУ, за ЕУ и за САД беше далеку поедноставно да се држи ДУИ во власта отколку да се влегува во политички неизвесности додека не се сталожи Балканот. Али Ахмети и ДУИ вешто ја играа оваа драма. Не сум сигурен само дали и самите поверуваа дека се некаков истурен играч на меѓународната заедница или гарант или осигурувач на македонската европска и евроатлантска ориентација, како што Али Ахмети милува да ја нарекува ДУИ, или, пак, тоа им беше само умешна политичка реторика пред домашниот електорат и пред странците.
Но, влезот на Македонија во НАТО ја промени македонската геополитика. И покрај тоа што Али Ахмети го започна својот политички пат, борејќи се за „голема Албанија“ и за „големо Косово“, и покрај тоа што редовно ја избираше да ги поткопува позициите на Македонија околу големите национални прашања, и покрај тоа што ДУИ водеше политика дека „колку што Македонија е послаба како држава, толку сништата за некои други држави стануваат пореални и подофатливи“, сепак неговата моноетничка политика доаѓа до самиот свој крај. Во актуелните регионални, европски и глобални околности нема веќе место за голема Албанија, ниту за големо Косово, а ни за внатрешна дестабилизација на Македонија, предизвикана од етнички судири. Во услови на војна во Украина и на ескалирачки конфликти на Блискиот Исток, САД немаат друг избор, освен цврсто да ја држат на куп својата најзначајна политичка и безбедносна коалиција, НАТО, а тоа значи и дека американската надворешна политика ќе продолжи да ја поддржува и европската интеграција, односно единствениот европски пазар, како витален американски национален интерес.
Тоа Али Ахмети не успеа да го прочита. Ако досега се толерираа неговите моноетнички екскурзии, а сè заради „мир во куќа“ и спречување дестабилизација, сега тој веќе нема простор за авантури. Една алијанса, како НАТО, е онолку силна колку што е издржлива нејзината најслаба карика, па оттука нема место за внатрешни проблеми каде било во Алијансата, било да ја разбереме најтесно, само членките на НАТО, или најшироко со сите земји што се дел од различните европски сојузи (Совет на Европа, Европски економски простор, Европа Унија и така натаму). Сведочевме низ годините како и далеку подолги, покрвави и подлабоки етнички судири во земјите членки на НАТО не завршуваа со трагедија, како што тоа се случи со југословенскиот кошмар од 1990-тите, туку со политички договори што предвидуваа политичка интеграција на малцинствата, а притоа да биде зачуван целиот политички поредок, особено најосетливите институции за национална безбедност.
Денес светот повторно ја учи лекцијата колку брзо се урива поредокот кога проговара оружјето, колку добрите времиња веднаш тонат во заборав и колку е кревок мирот. Во такви услови веќе нема место за дестабилизирачки структури. Али Ахмети на овие избори се закани со бојкот, со пропаднат избор на претседател и со неизбор на врховен командант на една земја членка на НАТО. Доколку вакви игри само до пред десетина години и беа прифаќани како типичен балкански политички фолклор, сега нештата се многу поинакви. Зарем некој во Брисел или Вашингтон би си дозволил во Македонија да нема шеф на државата, со полн демократски политички легитимитет, со јасен капацитет да носи одлуки, во време кога е можна нова голема европска војна и кога самата НАТО-алијанса се наоѓа на чекор од влез во конвенционален воен судир? Тука е погрешната геополитичка процена на Али Ахмети. Во земјите членки на НАТО (и на ЕУ) веќе нема да се толерираат несистемските политичари што имаат алтернативни идеи за европскиот и за евроатлантскиот политички, економски и безбедносен простор, како и структури што имаат потенцијал за внатрешна дестабилизација на земјите, но и на целиот регион. Додека САД се водечка земја во НАТО и во ЕУ, границите на Македонија се конечни и фиксирани.
Токму затоа Али Ахмети и ДУИ се збунети. Тие се преиграа дека ќе добијат поддршка за нивните авантури од меѓународната заедница „како и досега“. Мислеа и дека ќе се истовари целокупната западна дипломатска специјална единица во Скопје со притисок тие да влезат во власта по секоја цена „како и досега“, но и тоа не се случи. САД и ЕУ се очигледно убедени дека ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата „Вреди“ и движењето „Знам“ се вграден дел од западниот демократски политички поредок, дека се системски играчи и дека стојат зад клучните вредности, парадигми и акции на западните алијанси. Улогата на ДУИ сега е да се преобликува во иста таква системска опозиција, во рамките на демократскиот поредок, и да ја бара својата шанса со изработка на нова политичка платформа. Дали ДУИ има друга приказна освен дека се тимот на „победничкиот командант од 2001 година“, дали тие умеат да се снајдат во новата геополитичка реалност и како ќе продолжат да живеат без поддршката од „парадржавата“ што ја создадоа внатре во македонскиот институционален поредок? Ова се прашањата од чиј одговор зависи и самата иднина на оваа политичка структура. Сигурно е само дека во актуелниот момент, во НАТО и во ЕУ нема место за внатрешни дестабилизирачки сили во која било земја членка, каква што беше ДУИ во Македонија сиве овие години.
Ивица Боцевски