Фото: Ленче Нелоска / Фејсбук

Наскоро на седница на Влада на Северна Македонија треба да се разгледува проектот за изградба на Центар за хронични рани и гангрени – најави директорката на Геријатрија, Ленче Нелоска.

Таа истакна дека станува збор за стар проект кој подолго време бил во застој, а сега повторно е актуелизиран, пренесе МИА.

Според најавите, новиот објект ќе се гради на локацијата на постојните стари бараки и ќе има приземје и два ката.

На приземјето се предвидени 18 амбуланти во кои ќе бидат опфатени сите дејности, методи и консултативни служби.

На првиот кат се планирани околу 80 геријатриски кревети, со што значително ќе се зголеми капацитетот на установата.

На вториот кат ќе има дополнителни дваесетина геријатриски кревети, операциона сала, четири кревети за интензивна нега и 12 кревети за постинтензивна нега за пациенти со гангрена.

Нелоска нагласи дека со реализацијата на овој проект ќе се реши долгогодишниот проблем со третманот на пациенти со гангрена во државата.

Таа посочи дека хируршките одделенија низ земјата ќе бидат растоварени, бидејќи пациентите со оваа дијагноза ќе се лекуваат во специјализираниот центар.

Според неа, тоа ќе овозможи навремена здравствена услуга за пациентите, а останатите болници непречено да ја извршуваат редовната работа.

Директорката изрази надеж дека следната средба ќе биде по повод поставување камен-темелник за новиот центар.