Јубилејно издание на манифестацијата „Денови на културата“ во скопската општина Илинден
Скопската општина Илинден на 14, 15 и 16 мај ги реализира традиционалните Денови на културата, во чии рамки во домот на културата „Илинден“ се одржа јубилејната 25-та литературна манифестација „Илинден 2024“, а во соработка со Друштвото на писателите на Македонија.
Годинава новина во програмата на Деновите на културата беше кинопроекцијата на играниот филм за млади „Стела“, во режија на Стојан Вујичиќ, која љубителите на филмот ја проследија на 14 мај (вторник), со почеток во 19 часот.
Утредента, на 15 мај, се одржа трибината „Современата македонска литература и нејзината перцепција (читањето, критиката, медиумите)“, со учество на еминентните писатели и литературни критичари: проф. д-р Христо Петрески, претседател на ДПМ, Ефтим Клетников, проф. д-р Гоце Ристовски. Трибината отвори серија важни прашања за кои писателите, интелектуалците како авангарда на општеството, изнесоа свои ставови.
Потоа следуваше креативната работилница „Гатанките, поговорките и пословиците во македонската литература за деца“, со учество на проф. д-р Александар Прокопиев, писатели на ДПМ и ученици од основните општински училишта од општината Илинден. Секако, најмладите жители на општината го проследија и традиционалното литературно матине „Пролетно поетско будење на Илинден“, на кое учествуваа истакнатите македонски писатели за деца и млади: Горјан Петревски, Ели Маказлиева, Мито Спасовски, Перо Миленкоски, Васил Мукаетов, Ефтим Клетников и Мишо Китаноски.
По повод меѓународната литературна манифестација, Општина Илинден распиша литературен награден конкурс на темата „Татковина“ за учениците од општинските основни училишта, при што на литературното матине за деца беа прочитани и наградените песни, а на учениците градоначалникот Александар Георгиевски им врачи пригодни награди.
Дел од манифестацијата беше и отворањето на ликовната изложба на еминентниот ликовен уметник Владимир Темков. За уметникот и неговото уметничко творештво говореа академскиот уметник Новица Трајковски и проф. д-р Кирил Темков.
По завршувањето на изложбата, настапи имаа ансамблот за народни песни и игри „Илинден“ и КУД „Гоце Марковски“, како и млади музичари од општината.
Централен настан на манифестацијата, што се реализираше во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, беше поетската вечер насловена „Интимно соѕвездие“, посветена на современата македонска љубовна поезија, која се одржа во четвртокот, на 16 мај, на која настапија повеќемина реномирани македонски поети. Новина таа вечер беше промоцијата на посебно издание – книга со текстовите на учениците од минатата година, како и музички настап на групата „Тринити стринг“.