Фото: ЕПА

ХОКЕЈ НА МРАЗ

Шведска и Канада имаат максимален ефект на СП 2024

Шведска е единствената репрезентација со максимален ефект по првите четири дена на 87-то Светско првенство (СП) во хокеј на мраз, кое се игра во Чешка. Шведска забележа три победи, на дуелите со САД, Полска и со Германија, и има девет бода. Три победи, но една во продолженијата, има и Швајцарија, која освои осум бода. На СП 2024 настапуваат 16 репрезентации, поделени во две групи. Канада синоќа играше во третото коло, а по првите две кола имаше две победи. По седум кола, во четврт-финалето на СП 2024 ќе се пласираат првите четири селекции од секоја група. Репрезентацијата на Канада е актуелен светски првак, по победата на шампионатот лани одржан во Финска и во Летонија. Н.М.


ГОЛЕМА ШАХОВСКА ТУРНЕЈА ЗА 2024 Г.

Карлсен ја освои титулата на турнирот во Полска

Магнус Карлсен е победник на турнирот во забрзан и во брз шах што се играше во Варшава (Полска), по што светскиот број 1 сега е лидер сезонава во Големата шаховска турнеја за 2024 година, а ја освои и првата награда од 40.000 долари, пишува Светската шаховска федерација (ФИДЕ) на својата интернет-страница.
На петтиот ден од турнирот имаше возбудлива завршница на трката за трофејот, по што Карлсен победи со вкупно 26 поени, а потоа следуваат Ји Веи со 25,5, Јан Кжиштоф Дуда со 19,5, Прагнананда Рамешбабу со 19, Арјун Еригаиси со 18, Нодирбек Абдусаторов со 17,5, Кирил Шевченко со 15, Аниш Гири со 14, Винсент Кејмер со 13 и Гукеш Домарају со 12,5 поени. Следниот турнир од Големата шаховска турнеја за 2024 година е предвиден да се игра во Романија. Н.М.