Израелската армија денеска го гранатираше Рафа, во време кога американскиот претседател Џозеф Бајден најостро го предупреди Израел дека ќе престане со испораката на оружје доколку почне офанзива против тој град на југот на појасот Газа.
И покрај меѓународното противење Израел веќе испрати тенкови и врши „целни упади“ во пограничниот град, за кој тврди дека е упориште на преостанатите баталјони на Хамас.
Во градот и неговата околина има илјадници раселени Палестинци кои избегаа од конфликтот во другите делови на Газа.
Како што пренесе Бета, Рафа утринава бил силно гранатиран, а израелската армија подоцна објави дека ги напаѓа и позициите на Хамас северно, во централниот дел на палестинската енклава.