Деветти мај е слава и на Европска унија
Европските нации и држави секоја година на 9 мај го одбележуваат Денот на Европа, како симбол на мирот и единството на европскиот континент. Овој ден ја означува годишнината од објавувањето на декларацијата на францускиот министер за надворешни работи Роберт Шуман во 1950 година, прв официјален исчекор кон создавањето на денешната Европска Унија. Од декларацијата на Шуман произлезе и стремежот на Франција и Германија за заедничко управување на индустриите за јаглен и челик, стремеж што ја создаде Европската заедница за јаглен и челик во 1951 година. Споменатата европска заедница (претходник на Европската Унија) беше основана од Франција, Западна Германија, Италија, Холандија, Белгија и од Луксембург, како наднационална и наддржавна институција.
Првите исчекори на европските државници беа во насока на економската соработка, но европското здружување идеолошки е поставено врз мирот и единството на европските нации и држави, како и избегнување воен конфликт во Европа. Ова е очигледно од самата декларација на Роберт Шуман, во која се вели дека „светскиот мир не може да се заштити без да се прават креативни напори сразмерни со опасностите што му се закануваат“, како и дека „Европа нема да се направи одеднаш или со еден единствен план. Таа се гради преку конкретни достигнувања, кои први создаваат де факто солидарност. Соединувањето на народите во Европа бара елиминација на вековното ривалство на Франција и Германија“.
Подадената рака помеѓу Франција и Западна Германија дојде во момент кога европските нациите сѐ уште се справуваа од катастрофалните последици од Втората светска војна. Оттука декларацијата на Шуман и иницијативата за Европската заедница за јаглен и челик беа насочени кон спречување нова европска војна. Од друга страна, декларацијата на Роберт Шуман не случајно беше објавена на 9 мај (на денот кога бил потпишан последниот документ за капитулација на нацистичка Германија) и не случајно Денот на Европа се прославува токму на овој датум.
Во овој контекст, Денот на Европа е неразделно поврзан со заедничката борба на европските нации против фашистичка и нацистичка идеологија, кои сами по себе се манифестација на екстремниот национализам, радикализам и шовинизам. Денот на Европа е симбол на мирот и единството, но и предупредување за опасностите што произлегуваат од ултранационализмот, како екстремизам што е насочен кон хегемонија, превласт и контрола над другите нации. Оттука Европската Унија е поставена врз принципите на слободата, демократијата, еднаквоста, владеењето на правото, промовирањето мир и стабилност.
Меѓутоа повеќемина експерти и аналитичари досега неколкупати посочија дека Брисел дозволува манифестација на ултранационализам на некои европски членки, како што е примерот со Република Бугарија кон македонските национални особености – јазик, култура, историја итн., нешто што е спротивно на европските вредности, но и на суштината на Денот на Европа, како симбол на мирот, единството и солидарноста. Д.Ст.