Она што во внатрешниот политички амбиент на Македонија создава дилеми од носењето значајни одлуки и активности во надворешната политика е фактот што тие се спроведуваат во предизборен период, кога владата функционира како преодна или техничка, пред сѐ со мандат да организира фер и демократски избори, односно без легитимитетот на политичка влада. Доминира впечатокот дека одлуките за овие потези во надворешната политика се донесени лично од носителите на функции во техничката влада, без координација со другите политички субјекти што се ангажирани со изборната кампања
Девастирачката надворешна политика на владата на Македонија со три П (пржинска, преодна, привремена)
Техничкиот премиер Талат Џафери пред гласањето во Парламентарното собрание во Советот на Европа ветил пред косовските медиуми дека Македонија ќе гласа Косово да биде примено во Советот на Европа.
– Како земја што го поддржува Косово, ги дадовме сите инструкции што треба да ги дадат нашите претставници во надлежните органи. Конкретно, утре во Стразбур, делегацијата на Собранието на Република Македонија ги има сите упатства за поддршка на иницијативата и гласањето за членството на Косово – изјавил Џафери за косовски медиум.
Притоа, актуелниот технички премиер на Македонија, Џафери, нагласил дека ќе ја поддржи Приштина во пристапувањето во Советот на Европа, зашто смета дека Косово и земјите од регионот „треба да бидат членки на сите меѓународни организации“.
Речиси истовремено министерот за надворешни работи во актуелната македонска техничка влада, но и кандидат на претстојните претседателски избори, Бујар Османи, соопшти дека Македонија ќе биде коспонзор, заедно со Германија, САД и други земји, на резолуција во ОН за прогласување на 11 јули како меѓународен ден на комеморација и сеќавање на геноцидот во Сребреница, БиХ, во 1995 година и негово одбележување секоја година.
– Мислам дека е особено важно Србија да гласа за оваа резолуција со цел да се признаат и промовираат фактите, бидејќи сите одлуки на меѓународните судови и тела покажуваат дека во Сребреница се случил геноцид. Сè додека тој се негира и не се признава, веројатна е можноста да се повтори – кажа Османи, објавувајќи ја одлуката за коспонзорство на резолуцијата на ОН за Сребреница.
Очекувано, ваквите одлуки на високи македонски владини претставници предизвикаа револтирана реакција во земја од регионалното соседство, засегната од овие потези во надворешната политика на Македонија. Но она што во внатрешниот политички амбиент на Македонија создава дилеми од ваквите значајни долгосежни одлуки и активности во надворешната политика е фактот што тие се спроведуваат во предизборен период, кога владата функционира како техничка, пред сѐ со мандат да организира фер и демократски избори, односно без легитимитетот на политичка влада.
Без политичка координација, без визија и без надворешно политички компас
Доминира впечатокот дека одлуките за овие потези во надворешната политика се донесени лично од носителите на функции во техничката влада, без координација со другите политички субјекти – одговорни државни институции, како и носители на највисоките државна власт (кои се ангажирани со изборната кампања). Реакцијата на соседите за овие одлуки на високо ниво во македонската влада, иако многу индиции наведуваат дека се донесени како лична (не)одговорност и заземање страна во еден регионален спор во кој Македонија не е директно вклучена, предизвикува сомнеж дека во овој предизборен „интеррегнум“ некој сака да ѝ создаде проблеми на политичката влада што треба да биде формирана по одржувањето на изборите на 8 мај, да предизвика конфликтен набој во соседството или дури и да ја остави земјата регионално изолирана.
– Идеите дека сегашната техничка влада, која има строго ограничен мандат, може да влегува во важни меѓународни прашања со кои се детерминира државата на еден или на друг начин – се апсолутно неприфатливи. Македонија мора да сфати дека нејзината надворешна политика не може да ја води една етничка заедница, која игра на некакви големодржавни комбинаторики. Сѐ до промената на власта (што ќе дојде наскоро) не смеат да се преземаат сериозни надворешнополитички чекори. Особено е чувствителен проблемот со резолуцијата за Сребреница, каде што се вкрстуваат различни интереси и каде што има многу важни пречки да се детерминира како геноцид. Македонија мора да води сметка дека од сите нејзини соседи, само Србија води отворена политика на соработка и пријателство и тоа мора високо да се цени. Сите други соседи имаат или отворени или прикриени претензии спрема Македонија – вели поранешниот македонски амбасадор Ристо Никовски.
Водење предизборна кампања во пакет со носење суштински одлуки за надворешната политика на Македонија?!
Друг спорен момент во преземањето чекори на надворешнополитички план од страна на носители на министерски функции во техничката влада е фактот што министерот за надворешни работи Бујар Османи е наедно и кандидат за претседател на претседателските избори, чиј прв круг се одржува за една седмица. Експертите на тоа гледаат повеќе како на прашање на морал и етика на кандидатот.
– Влада си е влада, без оглед на тоа што ние имаме еден специфичен предизборен модел на техничка влада пред избори. Ограничувањата на владата во овој технички период повеќе се однесуваат на внатрешната организација и поставеност во контекст на организирање услови за фер и демократски избори. Но нема законски ограничувања да носи одлуки за безбедносното и меѓународното функционирање на државата. Од тој аспект, не се спорни одлуките во доменот на надворешната политика на членовите на владата. Сепак, друг момент е што министерот за надворешни работи е и кандидат за претседател на државата на претстојните избори. Несомнено, одлуките и чекорите што ги презема како министер за надворешни работи би имале влијание на неговата претседателска кандидатура. Но тоа е веќе прашање на неговиот морал и етика, што сепак не е опфатено со законот – вели професорот и поранешен амбасадор Јован Донев.