Фалсификувањето е глобален феномен, без разлика дали станува збор за фалсификување модни брендови, играчки, електроника, храна или лекови. ОЕЦД проценува дека фалсификатите учествуваат со 2,5 отсто од светската трговија. Но Италија, дом на најлуксузните модни брендови, според извештајот на ЕУ, е рекордер во заплената на фалсификати во Европската Унија, со дури 63 отсто од вкупните запленети предмети. И токму во Неапол фалсификатите наоѓаат извонредна плодна почва што му ја носи титулата неприкосновен европски главен град на фалсификатите
Хронични главоболки на ЕУ: Фалсификатите учествуваат со 2,5 отсто од светската трговија
Додека врвните брендови како „Гучи“ и „Прада“ се подготвуваат да пријават приходи во своите завршни сметки, фалсификуваните луксузни стоки на улиците на Неапол исто така носат неверојатна сума пари – за мафијата, која создава речиси идентични копии на луксузните брендови со кои заработува баснословни финансиски средства.
Град домаќин на сите фази на фалсификувањето
Живиот град на југот на Италија е почетната точка на италијанскиот пазар за фалсификување, кој се проценува на шест-седум милијарди евра. Таму цвета продажбата на лажни чанти, очила за сонце, облека и чевли, кои се продаваат на клиенти што сакаат да купат „фалсификати“ за ситна цена.
Фалсификувањето е глобален феномен, без разлика дали станува збор за модни брендови, играчки, електроника, храна или лекови. Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) проценува дека тие учествуваат со 2,5 отсто од светската трговија.
Но Италија, дом на најлуксузните модни брендови, според извештајот на ЕУ во ноември, е рекордер во заплената на фалсификати во Европската Унија со дури 63 отсто од вкупните предмети запленети во 2022 година.
И токму во Неапол фалсификатите наоѓаат единствена плодна почва што му ја носи титулата неприкосновен европски главен град на фалсификатите.
Градот е домаќин на сите фази во синџирот на снабдување со фалсификувана мода, од производство и складирање до дистрибуција и продажба, во кои доминира локалната мафија Камора.
Фалсификувањето е сигнал дека постојат многу посложени форми на криминалитет
– Фалсификувањето е многу важен сигнал во борбата против криминалот, бидејќи тоа е предупредувачки знак што сигнализира посложени форми на криминалитет – вели потполковникот Џузепе Еванџелиста, шеф на Одделот во Неапол на италијанската финансиска полиција Гвардиа ди финанца.
Иако е помалку профитабилно од продажбата на дрога, фалсификувањето генерира пари, придонесува за перење пари од дрога и е релативно низок ризик бидејќи затворските казни се многу помали од оние за понасилни кривични дела.
– Не треба да бараат клиентела… туристи поминуваат на улица, се купува торба и тоа создава профит за криминалната организација – изјави Еванџелиста за „Франс прес“.
Податоците на италијанското МВР покажуваат дека полицијата во Неапол во периодот од 2018 до 2022 година конфискувала речиси 100 милиони предмети во вредност од над 470 милиони евра, што е околу 14 отсто од вредноста на целата фалсификувана стока запленета во Италија.
– Во Неапол, фалсификувањето е вистински паралелен економски сектор, управуван од локални и странски мафии – се вели во владиниот извештај за 2021 година.
Градот се нарекува дури и „центар на извонредност“ за фалсификување. Занаетчиското наследство на кроење и шиење, меѓународното пристаниште, високата невработеност и приливот на евтина странска работна сила придонесоа за процут на фалсификувањето, кое не беше потиснато од долгогодишната толеранција на локалното население за кршење на правилата.
Како функционира синџирот на фалсификатите
Додека на локално ниво се произведуваат производи со повисок квалитет, повеќето увезени стоки доаѓаат од Турција.
Фалсификаторите избираат прометни пристаништа на ЕУ, како што е Ротердам, или оние со помалку строг надзор, како што се грчките и бугарските, од каде што стоката се доставува со камиони во Италија.
Потоа се доработува или рафинира во работилници во регионот Кампанија користејќи евтина илегална работна сила. Етикетите често се шијат на крајот, што ѝ отежнува на царината да ги забележи фалсификатите.
Мафијата, исто така, ја контролира дистрибуцијата или преку сопствените продажни канали или преку притисок врз сопствениците на продавниците да продаваат лажни производи меѓу нивните оригинални артикли.
Полициската истрага во 2022 година покажа дека продавачите на уличните пазари во Неапол ѝ плаќале на мафијата до 200 евра неделно за нивните тезги или ги принудувале да ја купат нивната стока.
Седумнаесет милијарди евра штета на италијанската економија од фалсификатите
Негативниот ефект врз економијата е огромен, особено во смисла на намалена побарувачка, изгубени работни места и неплатени даноци.
Италијанската влада го процени овој ефект на 17 милијарди евра во 2020-та, година во која економската активност беше сериозно намалена поради коронавирусот. Врвните брендови трошат милиони во борбата против фалсификатите.
Во 2017 година, „Луј Витон“ иницираше повеќе од 38.000 случаи против фалсификување низ светот, според веб-страницата на брендот. Дури и помалите компании сега основаат одделенија за правна заштита и сè повеќе инвестираат во технологијата за следење.
Еден локален претприемач во Неапол дури основал „Музеј на вистински и лажни“ за да ги едуцира потрошувачите, но тој се затвори минатата година. Луиџи Џамундо, претседател на здружението „Вистина и лага“, проект за борба против фалсификувањето, изјави дека повеќе од 32.000 мали модни компании во Кампанија се загрозени од нелојална конкуренција.
– Тоа е рак што се појави на нашиот пазар – рече Џамундо.
Едукацијата на потрошувачите е клучна. Истражување од 2023 година покажа дека една третина од граѓаните на ЕУ би размислиле да купат фалсификат доколку оригиналите се прескапи. Кај младите 50 проценти се такви. Но се чини дека на улиците на Неапол купувачите не размислуваат многу.